Правна држава во заложништво

Во 2001 година Македонија ги амнестира припадниците на ОНА за агресијата врз државата и воениот конфликт, но се чини дека политичката групација што произлезе од некогашната ОНА, олицетворена во партијата ДУИ, веројатно мисли дека се амнестирани и за континуираното и перманентно изигрување на правната држава во сиве изминати дваесет и повеќе години

Некои можеби заборавиле, но повозрасните граѓани сигурно уште се сеќаваат на акциите „Сите во одбрана и заштита“, кога важеше паролата „Ништо не може и не смее да нѐ изненади“. И додека со децении живее(в)ме со таквата мантра, дека нас како народ и држава ништо не може и не смее да нѐ изненади, во изминатите над три децении од македонската независност нѐ стрефија толку многу (не)предвидени работи што, буквално, не само што нѐ изненадија туку ни во нашите најлоши соништа не можевме да помислиме дека ќе ни се случат, а ние самите да немаме начин да ги решиме. Нашето лутање по наводно наоѓање на најдобрите решенија за проблемите со кои (постојано) се среќаваме ни се удри од главата, но, што би рекле старите, пак не извлековме поуки и не ни дојде ум. Зашто се добива впечаток дека изминативе години се направија голем број пропусти од аспект на функционирањето на правната држава токму поради политикантството и политичките замешателства, од најразличен вид.
Некои сѐ уште ја паметат изјавата на сега веќе покојниот обвинител Александар Прчевски, кој за сите оние што добро го познаваа важеше за бескомпромисен борец и голем инаетчија во истерувањето на правдата. Тој поднесе оставка пред истекот на мандатот токму поради политички притисоци, на кои, како што рече, бил изложен и притоа изјави: „Јас сум веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител!“
Ова го изјави во 2006 година тогашниот јавен обвинител на Македонија, Александар Прчевски, кој ја задржа функцијата само три години, иако мандатот му беше шест. Тој остана запаметен не само по таа негова историска изјава туку и по неговиот говор во Парламентот за начинот на избор на јавниот обвинител на РМ.
– Со предлогот врховниот државен обвинител да го избира Собранието по предлог на Владата, ќе продолжи досегашната практика по смената на власта незаконски да се менуваат и обвинителите затоа што се или не се припадници на одредена партија. Државниот обвинител повторно ќе биде на ветрометина и со смената на власта ќе остане на улица. Ако се усвои ова решение, веројатно веќе никој нема да сака да ја прифати оваа функција, а јас веројатно сум последната будала што ја прифатила – рече тогаш Прчевски.

Со години потоа никој од наследниците на Прчевски не го истурка мандатот докрај. Неодамна имавме нови шокантни случувања токму околу изборот на новиот јавен обвинител и поврзаноста со политиката. Очигледно некому му одговара постојано да ја држи правната држава во заложништво, за некои главно политички структури постојано со години и децении да останат недопирливи за правдата и законите. Токму околу изборот на новиот јавен обвинител имаше и реакции во стилот дека обвинителите заслужуваат чиста единица за интегритет, чест и достоинство. Со обвинители што на тајно гласање избрале таков главен обвинител, државата и сите ние, обичните граѓани, имаме голема причина за загриженост, коментираше дел од јавноста, која се сомнева дека изборот бил фингиран или можеби и повторно политички диктиран. За изборот на новиот обвинител реагираа и странските дипломати.
И додека очекуваше прочистување на правосудството и обвинителството, јавноста во Македонија ја стрефи нов скандал, дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет Џафери, во времето кога Министерството за правда го водел Аднан Јашари, кадар на ДУИ, положил правосуден испит пред да го заврши Правниот факултет. Наводно, Јашари тогаш имал дискреционо право и му дозволил на Џафери предвремено полагање, но сега во Министерството не може да се најдат документите, бидејќи се уништени.
– Поради тоа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не може да отвори предмет за случајот со синот на Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Во 2001 година, Македонија ги амнестира припадниците на ОНА за агресијата врз државата и воениот конфликт, но се чини дека политичката групација што произлезе од некогашната ОНА, олицетворена во партијата ДУИ, сиве изминати години и децении се движи по работ на законот, веројатно мислејќи дека се амнестирани и за континуирано и перманентно изигрување на правната држава во сиве изминати дваесет и повеќе години.

Партиско-политичките коалиции и договори, како и разните тефтерчиња што сѐ уште ги има во партиите на власта, придонесуваат кај нас да се избираат непрофесионални, нестручни и некредибилни кадри, од кои освен тие самите и блиските до нив, нема бенефиција никој друг, а најмалку државата. Политиката одамна е вгнездена во македонското правосудство, па затоа имаме случаи кај нас некои лица да не одговараат и за тешки злосторства, како што беа хашките случаи или голем број случаи за организиран криминал

Да посочиме само редица показатели. Раководството на ДУИ не одговараше ниту за четирите хашки случаи, против ДУИ немаше ниту една објавена таканаречена бомба од прислушуваните разговори, а јавноста не памети ниту еден поведен случај против некој припадник на оваа групација. Или партијата е безгрешна или оние што треба да ги спроведуваат правото и законите се грешни.
Партиско-политичките коалиции и договори, како и разните тефтерчиња што сѐ уште ги има во партиите на власта, придонесуваат кај нас да се избираат непрофесионални, нестручни и некредибилни кадри, од кои освен тие самите и блиските до нив, нема бенефиција никој друг, а најмалку државата.Политиката одамна е вгнездена во македонското правосудство, па затоа имаме случаи кај нас некои лица да не одговараат и за тешки злосторства, како што беа хашките случаи или голем број случаи за организиран криминал.
Кај нас и порано имало недопирливи луѓе, но сега нивниот број е драматично зголемен и тој број од ден на ден расте. Но тоа што особено загрижува е отсуството на волја и желба во битката против тој криминал, кој потекнува од врвот на политичките структури. Поради тоа се доведовме во ситуација довербата во правосудството да биде рамна на нула и за тоа постојано да ни укажуваат странските амбасадори.