Во здраво тело – здрав дух

Јуниорите на фудбалскиот клуб Маџари од Скопје, момчиња од генерациите 2012, 2013 и 2015 година, вкупно 19 деца, од 7 до 13 јануари беа на зимски камп во Крушево.
Лука, Стефан, Алексеј, Бедар, Веис, Дарио, двете момчиња со исто име Кристијан, Никола, Небојша, Драган, Петар, Матеј, Атанас, Олег, Огнен, Марио, Јован и Давид беа сместени во хотелот „Скорпион“, во близината на езерото, а за нив се грижеа тренерите Филип Стојчевски, Кристијан Анчевски и Саше Рајатовски.
– Ова е прва година како клубот го носи својот подмладок на зимски камп. Целта ни беше децата да се подготват за пролетната лига што е пред нас. За неколкумина од нив ова беше прво делење од родителите, па за некои момчиња ова беше ново искуство, како и за нас тренерите. Сепак, сѐ се одвиваше добро и според планираниот распоред на активности. Станувањето беше во 7 часот, а појадокот во 8 часот, потоа одевме на прошетка во Крушево. Го посетивме и вечното почивалиште на Тоше Проески, како и на Никола Карев, шетавме низ центарот, покрај езерото, а бевме и низ крушевската корија, каде што имавме можност да тренираме под ведро небо. Времето беше претежно сончево, а по неколкудневниот престој падна и снег, што го искористивме децата да уживаат играјќи си и правејќи топки со снег и снешковци. Тренинзите ни беа од 14 до 16 часот во фискултурната сала во Крушево – ни рече Филип Стојчевски, кој и самиот како дете тренирал во ФК Маџари.
Децата се на возраст од 6 до 11 години и убаво се дружеа меѓу себе.

– На младите спортисти, освен тренинзите, најинтересни им беа вечерните дружења во собите, играњето друштвени игри и прошетките низ Крушево. Некои од момчињата, кои првпат се одделиле од родителите, малку потешко се адаптираа на новите услови. Од сите 19, најмалиот, шестгодишниот Петар беше најхрабар, најдружељубив, не се жалеше на ништо и вредно тренираше. Инаку, за да биде поинтересно, се поделивме на две екипи и игравме фудбалски натпревари меѓу себе. На крајот, како што рекоа, на сите деца им беше убаво и се надевам нема брзо да го заборават престојот во Крушево. Падна и понекоја солза, незадоволство од менито, а имаше и зацрвенети носиња од настинка, па и мала температура, но така се расте, нели. На крајот сите стигнавме во Скопје и за ден-два, по мал одмор, ќе продолжиме со тренинзите. Се надевам дека фактот што беа дел до кампот децата ќе ги мотивира да дадат сѐ од себе во новите активности на клубот, најпрво во сала, а напролет и на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари – вели Филип Стојчевски.
Тој дополни дека овие кампови се убава можност и за осамостојување и социјализација на децата.
А сите што сакаат да се зачленат и да тренираат во ФК Маџари, повеќе информации можат да прочитаат на фејсбук-профилот Фудбалска школа Маџари јуниор. M.T.