Ангел е чудесно дете, исклучително талентирано и сестрано, а толку едноставно и непосредно. Кога првпат го слушнав, бев воодушевена од неговата интерпретација и спознанието дека нема песна што не ја знае. Има неверојатна музичка меморија, природно вибрато, издржани долги фрази, висини и
прекрасни украси, а сето тоа дополнето со многу емоции во интерпретацијата, што е вистинска реткост кај децата од негова возраст, вели неговата професорка Радица Костадинов

Таленти: Единаесетгодишен вљубеник во традиционалната македонска музика од Кавадарци

Единаесетгодишниот Ангел Димитров од Кавадарци сѐ повеќе ги освојува срцата на своите сограѓани, а неговиот убав глас се слуша и пошироко, па дури и надвор од границите на нашата земја. Ова надарено момче, ученик во шесто одделение во ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ во родниот град, е вистински вљубеник во македонската изворна народна песна, особено во интерпретациите на легендите Александар Сариевски, Кирил Манчевски и Никола Бадев, по чија патека започна да чекори, пеејќи ги нивните бисер-песни.
Во ова време на брзо живеење, кога дигиталната технологија ги освојува децата, вистинска реткост е да се сретне дете со таков талент, кое толку искрено ја сака македонската народна музика и ја интерпретира со толкава емоција што публиката веднаш ја препознава. Кога малиот Ангел настапува, едноставно како времето да застанува за него, затоа што тој целосно им се предава на музиката и на песната. Многу непосреден, со мило и насмеано лице и кротка природа, со прекрасни насмеани очиња, Ангел е веќе многу популарен во неговото Кавадарци, а преку емисијата „Зевзекманија“ имаше можност да го запознае и пошироката јавност во нашата земја. Првиот јавен настап го имаше на меѓународниот фестивал „Срма“ во Ковин, во соседна Србија.

Ги знае химните на повеќе држави во светот

Но Ангел Димитров со своите 11 години покажува интерес на многу полиња. Негова прва љубов се лего-коцките, со кои прави вистински ремек-дела. Исто така, изработува предмети од хартија, картон и дрво, убаво црта, собира мали автомобили и поседува колекција од 450 колички. Од својата шеста година интензивно го изучува англискиот јазик и постигнува завиден успех. На седум-осум години покажува интерес за химните на разни држави и почнува да ги учи и да ги пее. Така, кога и да посакате, Ангел може да ви ја запее на пример химната на Саудиска Арабија или, пак, на Непал, Израел, Пакистан, Грција, Русија, Италија, Србија, Црна Гора, Бугарија и многу други, и тоа во оригинал, иако не ги познава и не ги зборува тие јазици. Меѓутоа неговата музикалност му помага во интерпретацијата да биде беспрекорен. Се разбира, со гордост ја пее и македонската химна, кога е поканет на јавни настапи по повод одбележување значајни годишнини и настани во неговиот град Кавадарци. Но кога станува збор за народната музика, таа за него е на прво место. Уште од мал покажува голема желба да има микрофон и да пее македонски народни песни. Самиот ги открива песните на чалгиската тајфа Дончевци од Ваташа и го знае целиот нивни репертоар. Им се восхитува на интерпретациите на Александар Сариевски, Кирил Манчевски и Никола Бадев и најмногу песни пее од нив, а одлично ги интерпретира и босанските севдалинки.

Распеана детска соба

На прашањето дали во неговото семејство некој се занимава со музика и од кого Ангел го наследил талентот за музика, неговите родители одговараат дека никој не е музикален и оти во нивниот дом ретко се слушала музика порано. Едноставно, музиката во семејството Димитрови доаѓа спонтано, полека и ненајавено од детската соба и ги освојува целиот простор и слободно време на сите членови на семејството. Од март минатата година неговите родители одлучуваат Ангел да посетува приватни часови кај професорката Радица Костадинов, за да ги изучува техниките на пеење.
– Ангел е чудесно дете, исклучително талентирано и сестрано, а толку едноставно и непосредно. Кога првпат го слушнав, јас бев воодушевена од неговата интерпретација и спознанието дека нема песна што не ја знае. Неверојатна музичка меморија, природно вибрато, издржани долги фрази, висини и прекрасни украси, а сето тоа дополнето со многу емоции во интерпретацијата, што е многу ретко кај деца од негова возраст. Само еден месец откога почна да посетува часови учествуваше на интернационалниот натпревар „Арт-ин“ тука, кај нас во Кавадарци, на кој со интерпретацијата на песните „Со маки сум се родил“ и „Ох, ти момче охриѓанче“ ја освои првата награда, со освоени 99 поени, што значи неговиот талент веднаш го препозна и жири-комисијата. Она што е интересно за него е што не само што знае да ја интерпретира песната, тој ја знае и нејзината историја, кога е испеана и од кого или, пак, кој е авторот на песната. За ова кратко време што работам со него, тој постигна неверојатен успех. Од пред два месеца почнавме да работиме и класика, на пример „О, соле мио“, и тој е еднакво успешен во сите жанрови, што ќе имаме можност да го покажеме на претстојните натпревари во второто полугодие – вели неговата професорка Радица Костадинов.

Во моите 17 години педагошка работа не сум сретнал ученик што толку ја сака музиката и живее со неа како во случајот на Ангел. Тој е многу одговорно дете, длабински истражува и бара повеќе информации за инструментите што ги изучува, посочи професорот Горан Јанев

Средба со традиционалните народни инструменти

Запознавањето на Ангел Димитров со традициските инструменти следуваше откако неговата професорка уште на стартот го одведе во музичкото училиште, за да го запознае и слушне наставникот по традициски изворни инструменти Горан Јанев.
– Уште при првата средба со Ангел, кога колешката ме замоли да го слушнам и го внесе во мојот кабинет, јас реков дека ова дете ќе биде во мојата класа. И така, од март лани, тој редовно доаѓа во музичкото училиште, каде што започна да го изучува инструментот македонска тамбура и сега свири во оркестарот од традициски инструменти. Всушност, тој само едно полугодие е во музичкото училиште, значи ни нецела година, а веќе постигнува резултати. Слободно можам да кажам дека кај мене дојде како созреан ученик, исклучително талентиран, одговорен и студиозен во својот пристап на учење. Тој ја доживува музиката со многу емоции и така ја пренесува, а тоа не може да се опише со неколку збора. Во моите 16-17 години педагошка работа, не сум сретнал ваков ученик, кој толку ја сака музиката и живее со неа. Ангел е многу одговорно дете, длабински истражува и бара сѐ повеќе и повеќе информации за инструментите што ги изучува. Всушност, воопшто не е лесно да се научи да се свири инструмент, но тој има своја техника и талент и многу полесно го совладува тоа. Неговата посебност и дарба што ги поседува треба и да ги надградува. Сметам дека доколку остане во изворната музика, каде што најмногу се пронаоѓа, може да постигне најдобри резултати. Ние во нашето основно музичко училиште можеме само да ги поставиме темелите на неговото музичко образование, кое треба да се надградува, па така и ќе напредува. Нашите планови за второто полугодие се истовремено со пеењето и да свири – вели неговиот професор по традициски инструменти Горан Јанев.
Како што во минатото од генерација на генерација се пренесувала музиката со слушање, што било привилегија само на надарените, така малиот Ангел при секојдневната дружба со музиката и со неговите наставници „краде“ знаења и музика. Негова определба е да го продолжи своето образование во областа на музиката.

Поддршка од семејството

Ангел Димитров има прекрасни родители, од кои има безрезервна подршка и многу љубов од сите членови на семејството. Најверојатно, како што тврди неговиот наставник Горан Јанев, нема да остане да изучува само еден инструмент, кој прогнозира дека за три месеци ќе побара да изучува друг инструмент. А кога сме кај инструментите, има уште еден многу интересен податок за Ангел. Негов прв инструмент, покрај тамбурата, е укулеле, потоа добива на подарок бузуки, па калимба од Америка, тарабука, примче, тапан и многу други, така што нивниот вкупен број изнесува 33. Како резултат на неговата музикалност, инструментите му помагаат слушнатата мелодија да ја засвири. Од сите инструменти во неговиот дом, најдрага, секако, му е тамбурата што за Нова година како подарок ја доби од своите родители, кога на радоста ѝ немаше крај.