Неодамна, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, Друштвото за наука и уметност (ДНУ) од овој град имаше свечена седница, на која одбележи педесет години од своето формирање.

На свечената седница, во присуство на градоначалникот на Прилеп, претставници од Советот на Прилеп, претставници од МПЦ и многу гости, беа промовирани и Јубилејниот зборник на научни трудови на ДНУ и монографијата „Сеќавања“, посветена на сите веќе починати редовни, придружни и почесни членови на ДНУ, приредена од Тодор Алексоски и Слободан Беличански.

Во втората точка од дневниот ред беа промовирани четиринаесет нови членови на друштвото, а меѓу нив и пријателот и соработник на „Колибри“, поетот Филип Димкоски. Димкоски е автор на пет поетски книги, како и на неколку научни труда од областа на земјоделството.

Димкоски веројатно е најмладиот член на ова друштво, а членството го заслужи со многубројните активности и награди и паралелната работа во областа на литературата и во областа на земјоделството. Инаку, Друштвото за наука и уметност во Прилеп, чиј актуелен претседател е госпоѓа Силвана Пашоска, е едно од двете здруженија од ваков тип што постојат во Македонија. Освен во Прилеп, во Битола има Македонско научно друштво.

– Најголем дел од новопримените членови се млади а веќе докажани професионалци во своите области. Нашата цел е да ги привлечеме и поттикнеме младите да творат во областите на науката и уметноста, затоа што токму тие се иднината на ова друштво, но и на државата – истакна претседателката д-р Пашоска.