Во здраво тело здрав дух – по 48. пат одржан најстариот карате-натпревар во Македонија

Во салата „Марко Божиновски“ во Аеродром, Скопје, во организација на карате-клубот Аеродром, неодамна, по 48. пат се одржа натпреварот со најдолга традиција во карате-спортот, кој е меѓу десетте најдолговечни спортски настани во Македонија, „Лорд куп 2023“.

Традицијата и оваа година продолжи со истиот принцип и во стандардна присутност.
На натпреварот настапија 107 натпреварувачи на возраст до 11 години, членови на девет клубови.

Задоволство беше да се видат возбудата во очите на децата, радоста и мотивот за победа. Честитки и пофалби до младите победници, кои веруваме дека со нивниот талент и напорна работа ќе остават белег во овој спорт.
Пред натпреварот за загревање се одржа шаховска симултанка водена од шаховскиот великан Димче Илиевски. На симултанката учествуваа десетина каратисти.

Секој каратист за добредојде доби учесничка диплома, голема и мала тетратка и налепници. Секој клуб доби украсно чадорче декорирано од уметникот Живко Поповски–Цветин. На настанот каратистите се натпреваруваа во четири екипни категории (две машки и две женски), а во поединечна категорија беа поделени во девет. Резултатите беа евидентирани квалитетно и натпреварувачите за нивниот квалитет беа наградени со осум карате-оскари и со 40 златни медали.

Задоволството на сите учесници беше големо, а истото тоа го делеа и тренерите на клубовите учесници.
– Карате-клубот Аеродром може да биде задоволен од севкупноста на настанот со поттик за организирање на 49-от „Лорд куп“ на 25 мај 2024 година – вели организаторот Димче Јанковски.

Да потсетиме, минатата година и додатокот за деца „Колибри“ доби благодарница за соработката со „Лорд купот“, кому му посакуваме уште многу успешни изданија. М.Т.