Умни стихови на писателот Стојан Тарапуза (5)

Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате новата рубрика „Јатки на мудроста “, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Ова се стихови што замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
Еве што вели за нив авторот:
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и самите да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете, понекогаш чудниот свет на возрасните.


1.

Сакал да се одмори
– да седне,
но наместо на стол,
се ничкосал врз кол.

2.

Не пикај ги рацете
во сешто,
– ќе настрадаш
од нешто.

3.

Кој има лозје,
има и грозје.

4.

Не зборувај што било,
зборовите имаат шило.

5.

Не ведни го погледот,
ќе си го скратиш догледот.

Стојан Тарапуза