Објавата на компанијата „Модерна“ дека создала вакцина против ковид-19 со ефективност од 94,5 отсто, според податоците од третата фаза на тестирањето, доаѓа по неодамнешното откритие дека вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ има слична стапка на успешност, над 90 отсто. Но, „Модерна“ тврди дека нејзината вакцина-кандидат може биде чувана 30 дена во обичен ладилник, со што се чини дека има предност во однос на конкурентите, наведува „Нешнл џиографик“.

Најзвучното тврдење на „Модерна“ е дека нејзината вакцина може да се чува 30 дена на температура од 2 до 8 Целзиусови степени. Оваа карактеристика сугерира предност за „Модерна“ при масовната дистрибуција во руралните средини и во посиромашните држави. Од друга страна, вакцината на „Фајзер“ мора да биде чувана на температура од 70 Целзиусови степени под нулата, поради што здравствените експерти стравуваат оти нема да биде достапна еднакво за сите, односно дека ќе биде достапна само за богатите држави кои можат да си дозволат специјално направени ладилници за нејзино складирање. Згора, извршниот директор на „Бионтек“ Угур Сахин истакна дека нивната вакцина може да се чува до пет дена во ладилниците, во разговор за „Ројтерс“.

 – Ситуацијата е олеснета бидејќи нема да ви биде потребна нова опрема. Воспоставените синџири на снабдување веќе имаат ладилници кои се потребни за другите видови на вакцини – ообјаснува Брус Ли, професор на универизитетот на „Њујорк“ кој го проучува снабдувањето со вакцините.

Вакцината на „Модерна“ е поиздржлива во вообичаени услови на ладење бидејќи научниците открија како да ја одржат постабилна, според експертите.

Наспроти предноста на вакцината на „Модерна“ при испораката и складирањето, рано е да се прогласи победник во трката за вакцина. Тоа е бидејќи кандидатите можат да имаат различни резултати во зависност од демографијата на населението. Со други зборови, можеби ќе постои потреба за обете вакцини, се заклучува во анализата.