Во Прилеп

Црквата „Св. Петка“ од Прилеп ги додели наградите од првиот божиќен конкурс што го реализира. На Бадник беше величествено пред храмот. Со пригодна програма беа врачени наградите за најдобрите учесници во двете категории – литературни и ликовни творби.
Најдобар учесник во двете категории до деветто одделение е Леон Цветкоски 7-2 одделение од ОУ „Блаже Конески“, кој се закити со специјална и прва награда во категоријата литературни творби. Втората награда од петто до осмо одделение ја освои Тадеј Велјаноски, осмоодделенец од ОУ „Кочо Рацин“, а третата Јана Маркоска од 6-б одд. од ОУ „Кочо Рацин“. Најдобар пишувач на литературна творба кај учениците до петто одделение е Ненад Ржаникоски од 4–а од ОУ „Рампо Левката“, второто го освои Максим Иваноски од 5-г. одд. од ОУ „Гоце Делчев“, а третото Дариа Зајкоска од 3-г. одд. од ОУ „Климент Охридски“.

Во категоријата ликовни творби првото место и специјалната награда заминаа во рацете на Аника Рибеска од 6-а одд. од „Гоце Делчев“. Второто место го освои Наталија Тодороска од 9-1 одд. од ОУ „Блаже Конески“, додека трета беше Атина Иваноска од 7-3 одд. од ОУ „Климент Охридски“.
Кај најмалите ученици, Давид Силјаноски од 3-3 одд. од ОУ „Блаже Конески“ беше најдобар, Галена Крстеска од 2-2 одд. од ОУ „Блаже Конески“ беше втора. Најмладиот учесник Ведрана Кареска од 1- 1 одд. од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ го освои третото место.

– Интересот за конкурсот беше голем. Имаше над 250 учесници, а творбите беа навистина добри и жирито имаше тешка задача. Идејата произлезе од желбата овој „празник на децата“, зашто Божиќ е пред сѐ празник на децата, на еден едукативен начин, со нивно активно учество, користејќи ја детската креативност во создавањето на нивните творби, што повеќе да им се доближи на децата, па сите заедно, уште на Бадник, порадосно и посвечено на овој свечен настан да го почувствуваат празникот, а покрај нив и ние повозрасните – истакна в.д. старешина на црквата, протојерејот Љупче Петрески.
Настанот беше збогатен со присуството на децата од Бадниковата поворка, кои испеаја неколку бадникови песни и ги разнежија чувствата на огромниот број присутни, кои целосно го исполнија платото пред храмот. Настапи и дуетот „Реборн оф Бизантиум“, составен од оперскиот тенор Стефан Неданоски и чтецот Андреј Иваноски, кои се претставија со неколку песни, а за првпат ја испеаја својата нова македонска божиќна композиција „Радувајте се народи сите“.

Ка.М.