Шестгодишната Данче Крколева беше дел од манифестацијата „Гевгелија на велосипед“

На манифестацијата „Гевгелија на велосипед“, која се одржа по повод 7 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, годинава учествуваа над 400 велосипедисти, чие мото беше „Возиме за почиста и поздрава околина“. Целта беше да се упати јасна порака до сите граѓани да заборават барем малку на своите автомобили и што повеќе да го користат велосипедот како превозно средство. Помалку возила, а повеќе велосипеди, како што рекоа организаторите, значи помалку загадена, позелена и поубава Гевгелија.
Најкреативни беа младите гевгеличани, кои на хамер испишаа искрени пораки,: „Возењето велосипед е половина здравје“, „Возењето нека биде успех за сите“, „Сакај ја природата, таа ќе ти врати“, „Засади дрво, засади свет“…
Дефилето, во должина од пет километри, почна кај старото собрание на градот, на улицата Маршал Тито.
– Ние како здружение сме тука да направиме промени и да ги поврзуваме луѓето. Денеска имаше дружење и забележавме дека на народот му недостигаат сплотеност и дружба, надвор од секојдневните случувања и информации. Нѐ радува фактот што имавме многу деца што на хартија (хамери) праќаа пораки до нас возрасните за нивната иднина и каков град сакаат – вели Марина Томова од здружението „Чејнџ мејкер фор ол“, кое е организатор на манифестацијата.
Меѓу учесниците беше и симпатичното девојче Данче Крколева, кое на 23 ноември ќе наполни шест години. Таа е од Богданци, а дојде со својот татко Ване Крколев, кој исто така го сака велосипедизмот.
За да учествува на празничната спортска манифестација во Гевгелија, таа пристигна на својот розов велосипед, возејќи ја релацијата од Богданци, преку Стојаково, Богородица до Гевгелија. Тука им се приклучи на околу 400 велосипедисти и со нив ја извози релацијата по должината на Гевгелија од 5.150 метри.
Ведра и насмеана, таа направи фотодокументација од своето прво учество на организиран спортско-рекреативен настан, а храброто патешествие до остварувањето на оваа своја цел го регистрира со видеозапис нејзиниот татко Ване, исто така посветен велосипедист.

Куриозитетот на веста го дополнува и фактот што по велосипедското патешествие во Гевгелија, Данче се врати до своето Богданци по истиот пат по кој дојде, поминувајќи релација на велосипед петкратно подолга од онаа на сите учесници на манифестацијата тој ден.
Значи, иако најмлада учесничка, Данче извози и најдолга маршрута.
– Данче почна да вози велосипед на две години, се разбира прво со помошни тркала, а на четири години научи да вози на две тркала. Оттогаш возиме заедно со велосипедите речиси секој ден низ нашиот град, а знаеме да се извозиме и до Стојаково. Кога слушнавме дека во Гевгелија се организира манифестацијата, решивме да учествуваме. Затоа, тргнавме од Богданци малку пред стартот на трката, јас на мојот поголем, таа на својот помал велосипед, и преку Стојаково и Богородица стигнавме во Гевгелија. Знаев дека Данче ќе има кондиција да ги издржи овие десетина километри, зашто секојдневно тренира – ни објасни татко ѝ Ване Крколев за тајната на нејзината љубов кон велосипедизмот и за тоа како ја одржува кондицијата.
Тој ни откри и дека Данче исто така тренира ракомет во екипата Младост од Богданци, а наоѓа слободно време да го посетува и училиштето за модерен балет „Свит денс“.

Љубчо Алексовски