Ученици од Кавадарци дел од меѓународниот проект „Вештини за дебатирање и критичко размислување“

За да се поттикнат младите луѓе да водат дијалог слушајќи го другиот, развивајќи почит и толеранција во комуникацијата со другите, беше реализиран проектот „Вештини за дебатирање и критичко размислување“, во кој учествуваа ученици од основни училишта од Македонија, Романија, Полска, Турција и Италија. Нашата земја ја претставуваа учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци, заедно со наставничката Милка Мркева, во улога на координаторка. Проектот промовира дебати со кои се привлекува вниманието на учениците кон актуелни социјални прашања, за да се изгради иднината на обединета Европа.
Исто така овој проект, кој е дел од програмата „Еразмус +“, а е финансиран од Националната агенција за образование, има цел да ги научи учениците да се изразуваат отворено, да ги бранат своите ставови разумно и убедливо и да дејствуваат толерантно кон луѓето што имаат различно гледиште или размислување.
Практичните предавања што се одржаа во сите земји-домаќини им помогнаа на учениците да развијат ораторски вештини, да совладаат презентација, критичко размислување и комуникациски вештини, кои можеби ќе им помогнат во иднина кога ќе бараат работа. И овој проект на „Еразмус +“ овозможи децата да се дружат со нивни врсници од различни земји и култури и со различни интереси, животни искуства и ставови, со што им се даде можност да се стекнат со едно ново европско искуство.
– Опкружувањето со млади луѓе желни за знаење, кои сакаат да бидат слушнати во општеството во кое живеат, заедно со другите и да учествуваат во промените, беше позитивно искуство за учениците од Кавадарци.

Учеството во дебатите им овозможи на учениците да ги развијат и комуникациските вештини, во кои можеа да дојдат до израз личните квалитети, и тоа во една убава и натпреварувачка атмосфера, која инспирираше и поттикнуваше пријателство. Исто така, придонесот е уште едно вредно и корисно несекојдневно искуство, кое покажува колку е важно да научиш да ја браниш својата теза, да го проучиш туѓото и да го докажеш своето мислење. Наставниците што учествуваа во проектот беа обучени да бидат медијатори во решавање конфликти, бидејќи дебатите имаа цел да ги обучат учениците самостојно да наоѓаат информации со систематизирачко осмислување на аргументите – вели Милка Мркева, координаторка на проектот.
Учеството во овој проект и искуството од обуките преку спроведените активности им помогнаа на учениците да бидат потолерантни и да прифаќаат различни мислења, да усвојат една нова култура на комуникација и етика, што е исклучително важно во време кога многу често има агресија и недостиг од толеранција меѓу младите луѓе.
За време на овој проект беа остварени и успешни соработки со локалните студентски парламенти, невладини организации и училишта во регионот. Ми.М.