Полжавчето се движи бавно, но во тоа има една голема предност. Знаете ли која е таа предност? Кога се движите бавно, имате можност сѐ да забележите. Кога брзате, нешто ќе видите, а нешто не, но кога шетате бавно, ќе го видите секое ливче, секое камче, секое цветче, секој човек што минува крај вас…
Затоа забавете малку, разгледајте околу вас и инспирирајте се да напишете или да нацртате нешто и да го испратите на нашиот конкурс за најдобри лични литературни творби, ликовни творби и авторски фотографии.
Конкурсот е отворен за сите дечиња од трето до деветто одделение што учат во основните училишта на територијата на Република Македонија. Конкурсот не е ограничен само за училиштата што се дел од програмата за училишните градини.
„ПОЛЖАВЧЕ“ ВЕ ПОВИКУВА…
Творбите треба да се испраќаат со податоци за име, презиме, одделение, училиште и ментор, на адресата: [email protected]
Конкурсот е отворен од 15 јули до 15 септември 2021 година.
Темата за ликовниот, литературниот и фотоконкурс не е определена, но творбите треба да се однесуваат, односно да се поврзани со визијата на „Слоу фуд“ за добра, чиста и правилна храна. Може да се црта, пишува и фотографира за овошјето и зеленчукот, за селските и урбаните бавчи, за училишните градини, вашето омилено традиционално јадење, за некоја ваша дружба со растенијата од селските бавчи или со животните во селскиот двор, за некоја ваша планинарска авантура каде што сте собрале вкусни шумски плодови, за вашата омилена традиционална зимница, како ја замислувате вашата домашна или училишна, овошна или зеленчукова градина или пренесете ни дел од атмосферата во вашата училишна градина преку збор, цртеж или фотографија.

Секој учесник има право да испрати една песна, еден цртеж и една фотографија. Песните треба да се напишани во ворд-документ, а цртежите треба да бидат квалитетно скенирани и испратени во форматот jpg. Фотографиите треба да се испраќаат формат jpg и со квалитетна резолуција во рамките на вашите можности.
„ПОЛЖАВЧЕ“ ВЕ НАГРАДУВА…
Стручни комисии одделно ќе одлучуваат за најдобрите песни.
Ќе бидат доделени награди во следните категории, одделно за литературниот, одделно за ликовниот и одделно за фотоконкурсот: категорија четврто и петто одделение (прва, втора, трета награда); категорија шесто и седмо одделение (прва, втора и трета награда); категорија осмо и деветто одделeние (прва, втора и трета награда).
Наградите се состојат од дипломи за ученикот и за менторот, семиња за садници за цветни, зеленчукови и ароматични култури, книги и едукативни материјали.
Наградените творби од сите категории ќе бидат објавени во второто издание на списанието „Полжавче“, кое треба да се објави во октомври 2021.
Наградите ќе бидат доделени на посебен настан, со присуство на членовите од конвивиумите на „Слоу фуд Македонија“, координаторите и учесниците во создавањето на училишните градини, писатели за деца и новинари, на кој ќе биде промовиран најновиот број на „Полжавче“. Настанот е предвиден за октомври 2021.
Ова издание на „Полжавче“, списание за училишните активности на „Слоу фуд Македонија“, се реализира во рамките на проектот „Зелен полигон за едукација, алатка за јакнење на еколошката свест“, кој го реализира „Слоу фуд Водно“ – Скопје, финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2020 година.