Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца на писателот Ефтим Клетников „Малечката принцеза“
Вистината да се качи
на јарболот како знаме,
оти никој не е рамен
со неа, и нека зрачи
како светлина во светот.
Таква, таа е во него
Сè, и морето и брегот,
сонот, јавето и цветот
со пчелата што го праши.
Таа ги куражи сите
да ги врват без страв дните.
И глушецот не се плаши,
охрабрен од неа пее
излезен од дупка темна.
Сè да одбрани е спремна
таа. „Подеднакво грее
сонцето за сите“ вели,
и со Правдата под рака,
нејзината сестра, така
шета и еднакво дели
совети за секој еден,
како да избрише трага
на секоја грда лага
што го прави светот беден.
Тој што не го поднесува
овој закон нека знае,
кога било ќе се кае
и ќе биде раска глува,
нешто безоблично, сиво,
ништо друго. Тој ќе жали,
сал со лага ќе се фали,
без да знае што е живот.
Живот полн до врв со злато
ако Вистината тебе
сал те кренала во небе
и те водела по патот.