Договорот на новата коалициска влада во Берлин предвидува декарбонизација на главниот мотор на европската економија, но останува да се види како и со кое темпо ќе се изведе тој процес, наведуваат Карл Матисен и Ајтор Хернандез-Моралес за „Политико“

Новата германска владина коалиција претпазлива околу политиките за обновливи извори на енергија

Трите партии што имаат цел да ја формираат следната германска влада планираат да спроведат една од најамбициозните транзиции од фосилните горива во светот. Но реалноста е сосема поинаква од ветувањата за укинување на употребата на јаглен до 2030 година, повлекување од пазарот на автомобилите со мотори на внатрешно согорување до 2035 година и усогласување на сите владини политики со цел да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степен. Сепак, Германија ќе продолжи да се потпира на природниот гас и нуклеарната енергија уште многу години во иднина.
Коалицискиот договор меѓу Социјалдемократската партија (СПД), Слободните демократи (ФДП) и Зелените ги поставува приоритетите за следната германска влада, а тоа е дека борбата со климатските промени ќе игра клучна улога. Олаф Шолц, новиот германски канцелар, сака да ја претвори својата земја во пионер во заштитата на климата.
Но нема да биде лесно да се постигне сето тоа. Прво е проблемот како да се финансира трансформацијата на најголемата европска економија. Шолц сигнализираше дека е подготвен за масовни инвестиции, но Линднер се повлече, велејќи дека „сепак постои ограничување на она што е физички и технички можно“. Потоа, тука е проблемот како во наредните осум години да тече процесот на постепено исфрлање на јагленот од употреба, кој на почетокот од оваа година генерираше 27 отсто од електричната енергија во Германија. Тоа е многу побрзо од претходно зададената цел до 2038 година, која веќе предизвика лавина критики во германските региони каде што е намалено користењето на јагленот, иако коалицискиот договор вети дека никој нема да остане без работа. Договорот се обврзува да ја забрза испораката на 40 милијарди евра ветени за транзиција на работните места од индустријата на јаглен во економијата на чиста енергија. Но во него не е наведено плаќањето на дополнителна компензација за компаниите од јаглената индустрија, кои ќе мора да затворат порано.

Уште поголем проблем е како да се напојува Германија за време на зелената транзицијата. Новата владина коалиција предлага „масовна“ експанзија на чистата енергија со подигање на сегашната цел обновливите извори да сочинуваат 65 отсто од производството на електрична енергија до 2030 година. Помеѓу другите мерки, коалицијата планира да одвои два отсто од земјиштето за проекти со копнени ветерни паркови, да ги зајакне морските ветерни паркови да имаат капацитет од 75 гигавати до 2045 година и сите „погодни“ покриви да се користат за производство на соларна енергија. Владата, исто така, планира да инвестира во надградба на мрежата за да се справи со напливот на обновлива енергија.
Но чистата енергија нема да биде доволна за покривање на побарувачката до 2030 година, а тоа значи дека прекинот на јагленот ќе ги обврзе Германците да ги прифатат рускиот гас и француската нуклеарна енергија. Како што јагленот полека ќе излегува од енергетскиот микс на Германија, коалициските партнери сметаат дека природниот гас е „незаменлив“ за покривање на „зголемената побарувачка за струја и енергија во следните неколку години по конкурентни цени“. Во знак на зелените политики, договорот вели дека гасните постројки ќе можат да се префрлат на водород. Но додека нема доволно капацитет за обновлива енергија за производство на таканаречениот зелен водород, Германија ќе мора да се потпира на водород произведен од руски гас. Тоа, исто така, предизвикува загриженост за безбедноста на снабдувањето со енергија на Германија. Експертите веќе предупредуваат за безбедноста на снабдувањето, но Берлин можеби ќе треба да смета и на странска нуклеарна енергија.