Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Мора да се обединиме за државните и националните интереси. Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца, истакна премиерот во легендарното село Разловци
  • Неговото обраќање доаѓа само еден ден по протестите во Скопје, каде што на адреса на државата беа упатени навредливи и провокативни пораки и пароли со натписот „Албанија“ и скандирања „УЧК“, каде што протестантите правеа алузија дека се „на територијата на Албанија и меѓу УЧК“, што предизвика силни реакции во македонската јавност. Со пораката од Разловци, премиерот Мицкоски испрати апел за национална кохезија и зачувување на македонскиот државен и национален интегритет во услови на зголемени политички и етнички тензии во земјата

Премиерот Христијан Мицкоски од легендарното село Разловци испрати силна порака за национално обединување, повикувајќи ги граѓаните и политичките чинители да ги стават државните и националните интереси над сите поделби и дневнополитички пресметки. Во обраќањето по повод 150-годишнината од кревањето на Разловечкото востание, премиерот истакна дека Македонија денес има потреба од единство, мудрост и достоинствено водење на државата, особено во време на тензии и провокации.
Неговото обраќање доаѓа само еден ден по протестите во Скопје, каде што беа упатени навредливи и провокативни пораки и пароли со натписот „Албанија“ и скандирања „УЧК“, каде што протестантите правеа алузија дека се „на територијата на Албанија и меѓу УЧК“, што предизвика силни реакции во македонската јавност.
Мицкоски во Разловци им порача на сите граѓани на Македонија дека државата мора да се чува и гради со единство, а не со поделби и понижувања.

– Денес татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас – порача премиерот.
Тој нагласи дека од Разловци мора гласно да се испрати порака дека Македонија не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби, додавајќи дека македонскиот народ премногу страдал низ историјата за некој лесно да тргува со неговата чест, идентитет и историско наследство.
Оддавајќи почит на хероите од Разловечкото востание, Мицкоски истакна дека нивната жртва треба да биде завет за сегашните и идните генерации. Според него, денешната генерација има историска обврска да создаде држава во која младите ќе сакаат да останат, држава со правда, ред и економија што отвора перспективи.
– Мора да се обединиме за државните и националните интереси. Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца – истакна премиерот.
Тој порача дека Македонија опстанала низ вековите затоа што секоја генерација имала луѓе подготвени да застанат во нејзина одбрана. Денес, како што рече, времињата се поинакви, но обврската кон државата останува иста.
Со пораката од Разловци, премиерот Мицкоски испрати апел за национална кохезија и зачувување на македонскиот државен и национален интегритет во услови на зголемени политички и етнички тензии во земјата. П.Р.