- Решив да влезам во кокпитот каде што полемизираа двајца интелектуални џинови – Менкиноски и Рашиди. Темата е жешка, македонско-албанскиот етношовинизам
- За кого работат шовинистите – наши и албански? Кој ги плаќа? Кој е ментор? Која е задната намера? Приберете се – оти Балканот само што не пукнал. Тркајте се во економија и братство, а не омраза. Не збеснувајте – имате сите сѐ! Инаку, Аушвиц демне секогаш!
Сите ја знаете старата еврејска клетва „да имаш, па да немаш“. Опасно! Тоа води до разочарување, дисфорија и на крајот – клиничка депресија. Знаете што? Нема да ви се верува – единствена состојба што го спречува ова разочарување е староста! Што? Нормален ли си Самуеле? Па ако си стар ама здрав – ништо друго не ти треба. А што ако е обратно – „да немаш, па да имаш“? – Тогаш ќе збеснеш, ќе шизнеш, ќе пизматисаш! – По старински „Аменција нимија“ (да побудалиш од ексцес и имање). Познавав деца на моќници во комунизмот. Едни станаа учени и многу учени, а други збеснати, станаа наркомани, клепто-олигарси или клошари. Во целиот источен блок во т.н. транзиција, моќниците се измафиираа. Таканаречени олигарси се токму збеснатите деца на некогашните комунистички моќници. Лично познавам такви и не треба да ми кажуваат „тра-ла-ла“ бајки од расипан пропаганден материјал. Секако – тој расипан материјал е инпут од надвор, но за тоа ќе зборуваме другпат. Значи, да го завршиме воведот – збеснотините се продукти од бивши размазотини, или обратно – бивши бедни и измачени луѓе, кои во „демократијава“ станаа бесни кучкарници, а „шинтерите“ (закони) се распродадоа по коцкарници во параспур или дрогоспур.
А сега – „ин медиас рес“ – да дојдеме до конкретното. Поводот е едно интересно препирање во „Нова Македонија“ меѓу двајца интелектуалци, искрено – меѓу двајца џинови. Едниот е познатиот Тони Менкиноски (инаку мој драг и ценет пријател), а другиот е Назим Рашиди, висок степен на новинар и автор (школуван и работел за Данска, „Дојче веле“, „Би-би-си“, ОБСЕ и Стејт департментот). Значи навистина големи луѓе и јас нема што да се „буткам“ во кокпитот кај што се борат петли или лавови, меѓу два нуклеарни носача. Мене само нивното препирање ми дава инспирација за овој чаршиски муабет. Нема да ги критикувам нив лично – чесен „пионерски“ збор. Ете, како да си гледаме претстава или акци-филмче, а јас сум овде како добар македонски сеирџија. Замислете – како да си седам кај пирамидата во Гиза и ги гледам Олександр Усук контра Рико Верхоевен – јахааааа! Тепа едниот, ама тепа и другиот. „Што пак да зјапаш – сѐ е шоу – стварите се поставени, а не поседувани, а кога ќе задоволат тие одумираат“ (Аталус, генерал на Филип Втори). Темата е многу жешка и осетлива – македонско-албанскиот етношовинизам – „возвишена“ тема на медиумите со која буквално не психосилуваат и психорастураат секој ден на медиумите. Помислувам дека тоа е континуиран инпут од службите наши и странски за да нѐ направат опсесивни манијаци. Тони вели дека не треба да бидеме индиферентни како што вели нобеловецот Ели Визел, па да гледаме како луѓето ги водат во Аушвиц. Да, се согласувам дека не треба да бидеме индиферентни. Ама сме! Мислам од замор на тоа-пак-тоа. Друго, Тони вели дека 2001 година сме победиле во конфликтот. Со тоа не се слагам, се извинувам. Не да изгубивме, туку и се обрукавме. Со војска од 50 илјади не „клекнаа“ со две-три илјади џихадисти (УЧК-висти). Нивните команданти пост фестум ја водеа политиката на Македонија, а и сега „играме оро“ „ситније Циле ситније“ како што ќе свирнат тие, а ние викаме „оф оф оф – оооооо тешкото“. А бранителите, кои нѐ спасија заедно со едниот украински авион (знам од директни пријателства) – ги пониживме, испозатворивме, обезработивме, а фамилиите ги оставија без поддршка… Кој? Големите „патриоти“, бугаро-лавери, баци-лизни-бугараши – некои и денес. Лично познавам бранители (имало неколку групи) и немој да ми кажувате цили-мили-буги-буги, ту-тууу… А оние што ги избркаа од Арачиново? Нашите ќутат како… А дали сега би можеле без бранителите да се одбраниме од терористи како на пример Хезболах, Хамас, па и нео-УЧК (наоружани до заби од турските фабрики) и други џихадисти? Европа е ускутена од џихадисти, а Иран може „сол и пепел“ да нѐ стори во постизраелскиот период – теоретска можност!
Морам да напоменам неколку нешта. Јас не само што не сум албанофоб или исламофоб туку од нив имам такви добри пријатели, кои богами ми се поблиски од другите. Секогаш повторувам – има разлика меѓу исламот и џихадизмот. Ислам е Алах (Господ) – Бог да им даде здравје. А што е џихадот? Џихадот е оружје, главосеча, вратосеча, касапење, белки следите медиуми, кои кријат многу нешта – па зар заборавивте дека 500 години сме биле под нивно ропство? Прашајте ги историчарите за детали. И Тони дава неколку убави примери. А оние наши интелектуалци или „интелекто-лилипутанци“ – буквално прават „џихадо-улизание“ и „упикание“ на Хамас, Иран и џихадистите. Немој да ми порекнувате – ве слушам секој ден, оти следам сѐ на медиумите. Лижачи! Срам да ви е!
Од друга страна, Рашиди вели дека во минатото (социјализмот) имало дискриминација према Албанците. Точно е! Се согласувам. Да, така е, велам оти сум сведок. Собирајќи текстови за 80-годишнина на Лекарското друштво дознав дека за првите 50 години немало ни еден член Албанец. На Медицинскиот факултет во Скопје имаше само еден Албанец – д-р Вулнет Старова, голем пријател на татко ми, а и мој. Прекрасен како човек и доктор, а беше и висок политички фактор. Каде што живеев пред земјотресот во Скопје имаше еден кварт со Албанци. Тоа беше во близината на подоцнежното „Беко“ и сегашните седишта на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Понекогаш другарски ќе се гаѓавме со камења, а потоа седнувавме заедно како најдобри другари. Имаше еден што работеше во Германија и од таму носеше електрични гитари, па учевме по малку и да свиркаме. Главно тие беа сиромашни и со ниско образование, но јас како дете не разбирав дека тука има некој фактор компатибилен со она што го вели Рашиди. Нема да верувате дека имав и пријатели Иранци. Овде се дружев со Иранци христијани, а во Англија имав пријатели Персијци, Курди и Ерменци од таа територија. Одвај чекам Иран да стане отворена земја, нека остане дури и фундаментална, но мирољубива – дај Господе. Во основното училиште „Гоце Делчев“ имаше и Албанци. Мене ме викаа „Шиптар“, бидејќи ме викаа Сами, а тоа не е еврејско име, туку исламско. Дури и не знаеја што е тоа Евреин. Првин се противев, а подоцна дури инсистирав да ме викаат „Шиптар“ – се осеќав некако посигурно. Не знам зошто Албанците кај нас не го сакаат таквиот назив, а во Албанија меѓу себе се викаат „Скиптар“. Ова го знам, бидејќи неколку пати сум бил таму, а „Скиптариум“ значи фараон или моќен крал според специјалниот стап што го држат. Но имаат право на име како сакаат. По осамостојувањето на Македонија, состојбата со Албанците се измени. Многу сум изненаден, па и фрапиран со која брзина отидоа нагоре. Имаше и многу школувани во странство. Мислам дека ниеден народ во светот не отишол толку брзо нагоре како што се тоа Албанците. Тоа и јавно сум го кажувал и на ректорот на УКИМ, кој ми беше пријател му советував да оди во албанските универзитети во Тетово да види како се организирани. Мислам дека повеќе Македонци треба да учат албанистика, а Албанци македонистика. Албанците во новите генерации се многу изменети, но мене ми „лежат на душа“ оние старите, по селата и планините бидејќи сум одел кај нив во детството. Всушност проблемот е токму со „учените“, но не сите, туку оние што се занимаваат со политика. Да, да – политичарите ги прават проблемите. Тие имаат други амбиции за моќ и лукративност, а манипулираат со опасна тема – етношовинизам. Јас би рекол етнонацизам. И нашите не се подобри. Рашиди има право кога вели дека на Фејсбук и други социјални мрежи има многу шовинистички пораки. Така е – по мрежите има тешки шовинистички текстови и од нашите и од Албанците. Тоа е причина што јас не ги читам мрежите, но шовинизмот „зрачи“ и без тоа. Сигурен сум дека шовинизмот „го хранат“ и странски агенции – најмногу џихадисти (кои финансираат групи, повратници од војни, тргуваат со оружје, дрога и луѓе), а исто и службите (западни и источни). Нашите служби за безбедност иако покажуваат напредок, не се кадарни да се справат. А законотворците? – Се кријат како да се „злато“. Импортот на Албанци од Косово постоеше уште во социјализмот, но стана масивен подоцна (службите го знаат тоа). Тоа „мешање“ предизвика голема турбуленција кај самото албанско население, кое се проектира кај сите. Пред кратко време еден мој колега доктор и пријател на телевизија жестоко зборуваше против Македонците и сѐ што е типично за тежок шовинизам, па си велам: зошто не се жалиш брате за медицината, барај лекови, апарати, чаршафи, услови, барај сѐ што ти тежи на душата за пациентот, барај брутално, безобразно, па да станеш голем доктор, како големиот Вулнет? Се жалеше и за укинување на балансерот. Еве што мислам за балансерот. Најпрво имаше смисла за да се избрише онаа реална соцдискриминација кон Албанците. Потоа стана своевидно насилство. Мојот другар, покојниот, за жал, Муарем Неџипи, кој беше и министер за здравство, со голем притисок буташе кадри – на пример мене просто ми наредуваше колку сестри и доктори морам да примам кај нас (јас бев советник-директор на Ендокринологија и советник на министерот), потоа на Педијатрија, па Хирургија итн. По моја оцена, докторите беа одлични, но сестрите беа буквално за никаде.
Најчесто со вечерно школо, одбиваа да дежураат, па дури и да боцкаат интравенозно. Некои одбиваа наредби демек „не разбираат македонски“. Никој да писне! Што ќе ми речат мене ако сум доктор или сестра во Албанија и кажам дека не знам албански? Ајде не ми реплицирајте со пу-пу-реја! Па каков балансер е тоа? Тоа е ментално силување. Апсолутно и упорно се согласувам дека наместо балансерот, треба да има некаква контрола, бидејќи може пак да западнеме во социјалистичкиот имбаланс и неправедност – тоа го тврдам, бидејќи си се знаеме какви сме. А што правиме со Ромите? Јас знам само еден Ром што беше брилијантен студент и доктор и си отиде во Германија. Никој не зборува за нив. Го познавав покојниот автор Пол Полански, кој пишуваше за страшната состојба на Ромите во Косово. Зар тие не се луѓе? Нивната состојба е многу потешка. Роберт Бадентер беше пријател со моите родители (во корелација со холокаустот). Го ценам многу поради неговите придонеси во Франција – права на жените, напредок на еднаквоста, укинување на смртната казна итн. Но состојбата и менталитетот кај нас не се исти како во Франција. Во Франција дури и не треба посебен закон за „етнобалансирање“. Таму сите се Французи (уште од Наполеон). Да се Французи за сите е гордост. А кај нас е за едни, а не е за други. Значи едни се теза, а други антитеза, без синтеза. Да се разбереме: кога кај нас се збори со етношовинизам, тоа е глад за територија. Точка! Не реплицирајте – не сум идиот! Ние се научивме од Југославија дека во една држава има „многу нации“. Беснотија! Глупост! Видовме како заврши Југославија. Нашите „супергенијалци“ составувачи на нашиот „најдобар во вселената“ устав, всушност извршија кривично дело. Уставот каков што е сега направи раздор, на раб на анихилација на државата, плус онаа траги-комедија со Бугарите. За кого работат шовинистите – наши и албански? Кој ги плаќа? Кој е ментор? Која е задната намера? Приберете се – оти Балканот само што не пукнал. По Украина и Блискиот Исток, на ред е Балканот. Тркајте се во економија и братство, а не во омраза. Омразата е црна помрачина. Ова го кажувам оти мојот живот е изгорен – со холокаустот и она на Блискиот Исток. Гнасни етнички и верски војни! Не збеснувајте – имате сите сѐ! Инаку, Аушвиц демне секогаш!
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
































