Во секое демократско општество, протестот е легитимно право. Граѓаните имаат право да бараат промени, да укажуваат на неправди и да изразуваат незадоволство. Но, исто така, секоја демократија има јасна граница меѓу граѓански протест и организиран насилен притисок врз институциите преку националистичка, па дури и шовинистичка мобилизација, закани, провокации и нарушување на јавниот ред и мир. А токму во врска со сето тоа, последните протести во Скопје отворија сериозни прашања што не смеат да бидат игнорирани.
Наместо на една културна, педантна и политички артикулирана јавна дебата за образовни и правни прашања, јавноста беше сведок на атмосфера во која доминираа етнички симболи, националистички пораки, скандирања поврзани со величања на едната страна од оружениот конфликт од 2001 година и демонстрација на политички наратив што повеќе личеше на порака за територијално и институционално оспорување и отцепување отколку на демократски протест.
Особено загрижува фактот што на протестот речиси и да немаше симболи на државата во која се бараат права. Отсуствуваа симболи на Македонија кон која требаше да бидат упатени најавените барања. А не беа испорачани ни барањата за кои масата требаше да се собере, ниту пак беа споменати или повикани институциите и државата Македонија од која треба да се бара тоа?!
Во центарот на Скопје се вееја исклучиво албански знамиња, знамиња на други држави и политички транспаренти со пораки што создаваат впечаток на паралелен политички простор, а не на граѓанска или академска иницијатива во рамките на македонскиот уставен поредок. Пораките „Prishtina nuk hesht“, „Kosova është me ju“ и сличните транспаренти отвораат прашање што не може да се премолчи! Навистина, дали ова беше протест за одредено право во Македонија или демонстрација на надворешнополитичко влијание врз внатрешните институционални прашања на државата?
А присуството на лица од Косово и Албанија дополнително ја засили таа дилема. Никој не може да му забрани некому да дојде на јавен собир, но кога внатрешно чувствително прашање се претвора во регионална политичка мобилизација, тогаш институциите имаат обврска внимателно да проценат дали се создава атмосфера на притисок врз државниот систем. Особено е опасно кога правосудството станува терен за етничка конфронтација.
Почитувани читатели, Македонија е унитарна држава! Нејзиниот правосуден систем мора да биде единствен, функционален и заснован на законите и Уставот. Почитувањето на јазичните права е неоспорно и гарантирано со Уставот (Охридскиот рамковен договор вграден во него), како и со законите. Но тоа не значи дека секое барање автоматски станува уставна обврска на државата, ниту дека може да се реализира под уличен притисок. Во правна држава, законите не се менуваат со скандирања и повици за судир и потсетување на воен судир, демонстрација на сила врз граѓани и невини животни… туку низ институции. Имено, многу загрижувачки е што протестот во еден момент кулминира со инциденти. Снимките од физички пресметки меѓу дел од учесниците, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир покажаа дека атмосферата одамна ја напушти рамката на демократски собир. Јавноста виде сцени на агресија, хаос и конфронтации, кои фрлија сенка врз целата порака на протестот. Во секое демократско општество, насилството, без разлика од кого доаѓа, мора да биде санкционирано. Исто така, секое малтретирање, закани или брутално однесување кон животни или граѓани мора да биде предмет на итна институционална реакција, што во еден момент и се случи. Но уште поопасна од физичката агресија на оние што протестираа е политичката порака што се испраќа преку ваквиот декор.
Кога во центарот на главниот град на една држава се демонстрира исклучиво со знамиња на други држави, кога се избегнуваат симболите на државата во која се бараат права и кога протестот се претвора во етничка демонстрација на сила, тогаш неизбежно се отвора чувство на недоверба, страв и политичка тензичност кај мнозинството граѓани. Тоа не е пат кон соживот. Тоа е пат кон дополнителна поларизација. Македонија има доволно трауми од минатото за да знае колку е опасно кога политичките пораки почнуваат да се градат врз етнички мобилизации и историски конфликти. Скандирањата поврзани со УЧК и повикувањето на воени симболи од 2001 година не можат и не смеат да се претставуваат како демократски активизам. Тие се директна провокација кон јавноста и опасно отворање стари рани, кои државата со години се обидува да ги затвори. Во демократска држава, никој нема право преку националистичко-шовинистичко-сепаратистички спектакл да создава чувство дека институциите треба да капитулираат пред уличен притисок. Ако денес правосудниот систем стане предмет на етнички ултиматуми, тогаш утре секоја институција ќе може да биде ставена под политички и друг потежок вид политичко насилство и притисок. Тоа не е демократија. Тоа е постепено разградување на државниот поредок. Или можеби оние што протестираа го сакаа тоа?!
Токму затоа е неопходна јасна реакција и од институциите и од јавноста. Институциите мора доследно да ги штитат јавниот ред и мир, да санкционираат насилство и да не дозволат создавање атмосфера во која улицата ќе биде поважна од законите. Истовремено, политичките партии, особено од сегашната опозиција, треба да престанат да собираат дневнополитички поени од чувствителни етнички теми. Огнот што денес можеби им носи политички поени, утре може да ја запали целата општествена стабилност. На Македонија не ѝ требаат нови поделби. Не ѝ требаат политички спектакли со етноцентричен декор и увезени тензии. Не ѝ треба улична демократија што се обидува да го диктира функционирањето на правосудниот систем. На Македонија ѝ треба владеење на правото.
Почитување на Уставот. Почитување на институциите. И јасна порака дека никој, без разлика на етничка, политичка или национална припадност, нема право да ја турка државата кон нестабилност. А овој протест беше флагрантен егземплар за тоа! Затоа, секој иден протест мора да биде демократски, достоинствен и во рамките на законите. Без провокации. Без ваква и слична сценографија. Без насилство. Без обиди за политичко заплашување. Само така Македонија може да остане држава на сите нејзини граѓани, а не арена за опасни политички експерименти.
































