Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија останува „сигурен снабдувач со енергија“ и покрај кризата на Блискиот Исток, за време на официјалните разговори со кинескиот претседател Си Џипинг во Пекинг, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
На почетокот на средбата во Големата народна сала, Путин го нарече Си „драг пријател“ и оцени дека односите меѓу Русија и Кина достигнале „невидено ниво“, претставувајќи модел на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција.
Тој истакна дека трговската размена меѓу двете земји во последните 25 години пораснала повеќе од 30 пати и веќе неколку години надминува 200 милијарди долари.
Путин нагласи дека договорот за добрососедство, пријателство и соработка, потпишан пред 25 години, останува темел на билатералните односи и најави продолжување на безвизниот режим за граѓаните на двете земји.
Осврнувајќи се на енергетската соработка, рускиот претседател порача дека Москва ја задржува својата улога како сигурен снабдувач со енергија, додека Кина останува важен и одговорен потрошувач.
– Движечката сила на економската соработка е руско-кинеската интеракција во енергетскиот сектор. Во услови на криза на Блискиот Исток, Русија продолжува да ја одржува својата улога како сигурен снабдувач на ресурси, а Кина како одговорен потрошувач на овие ресурси – рече Путин.
Путин оцени дека Русија и Кина заеднички работат на создавање „поправеден и подемократски светски поредок“, нагласувајќи ја координацијата меѓу двете земји во рамки на Обединетите нации, БРИКС, Г20 и Шангајската организација за соработка.
– Во тек е сложен процес на формирање полицентричен свет заснован на рамнотежата на интересите на сите негови учесници. Заедно со нашите кинески пријатели, ја браниме културната и цивилизациската разновидност и почитувањето на суверениот развој на државите и се стремиме кон изградба на поправеден и подемократски светски поредок – нагласи Путин.
Според него, соработката меѓу Москва и Пекинг е „еден од главните стабилизирачки фактори во меѓународните односи“.
Путин потврди и дека ќе присуствува на самитот на АПЕК во Шенжен оваа есен, а упати и покана до Си Џинпинг да ја посети Русија во 2027 година.































