Протест во фокусот на домашната јавност
Во секое демократско општество, протестот е легитимно право. Граѓаните имаат право да укажуваат на одредени појави и предизвици, да изразуваат незадоволство, да бараат начини за подобрување на квалитетот во сите области од нивното живеење. Барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик можеби како изворна замисла можеше да се вообличи на тој начин, но она што беше изразено на завчерашниот студентски протест во центарот на Скопје излезе од тие граници. Секоја демократија има јасна граница меѓу граѓански протест, од една страна, и организиран насилен притисок врз институциите, од друга страна, со воочлива националистичка, па дури и шовинистичка мобилизација, закани, провокации и нарушување на јавниот ред и мир. Во основа, имаше флагрантно кршење на позитивните законски прописи и наместо соодветно адресирани пораки од протестот, се отворија сериозни прашања што не смеат да бидат игнорирани. Во еден ваков контекст, од Владата ја истакнаа потребата за достоинствен пристап што ќе овозможи напредок, како и функционалност на правосудниот систем. Што всушност се случи на протестот во центарот на главниот град на Македонија?
Странски знамиња и поддршка од соседството
Протестот почна на плоштадот „Скендербег“ во Скопската чаршија од каде што учесниците, преку Камени мост и плоштадот „Македонија“, се упатија до Министерството за правда.
„Знаењето нема забранет јазик“, „не допирајте ја нашата иднина“ и „закон на хартија, дискриминација во практика“, беа дел од пораките на транспарентите истакнати на студентскиот протест, на кој можеа да се забележат и знамиња на Албанија и испишани транспаренти „Албанија“, како и знамиња на Косово, како и на Турција и на САД.
На собирот во Скопје присуствуваа и граѓани од Косово и од Албанија, при што видлив беше и слоганот „Приштина не молчи“, кои јавно и јасно декларираа директна и организирана поддршка за учесниците од соседството. На протестот учесниците скандираа „УЧК“, односно за паравоената формација (примарно од НАТО прогласена за терористичка организација, со лидери што се судат во Хаг за извршени воени злосторства, чии слики и се носеа на протестот). Протестите добија поддршка и од политичари надвор од границите на Македонија, меѓу кои се косовскиот пратеник Енвер Хоџај, градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, и албанскиот пратеник Клевис Балиу.
Ова е втор собир од овој вид, организиран од група предводена од Мевлан Адеми, по оној одржан на 18 мај. Учесниците најавија понатамошни протести доколку нивните барања не се исполнат.
Размена на политички обвинувања
Опозициската ДУИ и партијата на власт – Вреди, како дел од владината коалиција, разменија обвинувања за „манипулација со младите“.
Политичките аналитичари сметаат дека ДУИ го користи прашањето за правосудниот испит за да придобие поддршка и да ги мобилизира своите симпатизери, во обид да го подигне рејтингот и да го врати изгубеното политичко влијание.
Претставници на Вреди, вклучително и министерот Бесар Дурмиши, тврдат дека протестот е оркестриран од ДУИ со цел да се дестабилизира политичката ситуација. Од Вреди ја истакнуваат и определбата за институционално решавање на прашањето преку Владата и Министерството за правда.
Од Владата истакната потребата од заеднички, мудар и достоинствен пристап
Владејачката Вреди во пресрет на протестот соопшти дека презема конкретни институционални чекори за решавање на долгогодишниот проблем со полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
– Тоа што ДУИ не го реши две децении, ние го решаваме со конкретни чекори: правосудниот испит ќе се полага и на албански јазик – соопштија од Вреди.
Копретседателите на Вреди, Билал Касами и Изет Меџити, пред протестот имаа работна средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што од Владата соопштија дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија што значат напредок, градење меѓусебна доверба и заедничка иднина.
Судир на барањата со постојаната правна регулатива
Прашањето за јазикот при полагањето на правосудниот испит е во судир со постојната правна регулатива, бидејќи според Уставот и Законот за употреба на јазиците, албанскиот јазик е официјален на државно ниво, но правосудниот испит е дефиниран како професионален филтер, кој бара висока прецизност во македонскиот јазик.
Претходно премиерот Мицкоски порача дека секое решение мора да биде усогласено со препораките на Венецијанската комисија и да обезбеди функционалност на правосудниот систем. П.Р.
































