Фото: ШК Гамбит АСЕЕ

МЛАДИНСКИ ШАХОВСКИ ТУРНИР „КВАЛИТЕТ 2026“

  • Според присутните родители, тренери и љубители на шахот, условите за игра и целокупната организација беа токму во духот на името на турнирот „Квалитет“, вели шаховскиот тренер Орце Данчевски

Во Домот на културата во Ѓорче Петров се одржа традиционалниот шаховски турнир „Квалитет 2026“ за возрасните категории до осум и 10 години, за момчиња и за девојчиња, во организација на Академија Данчевски и ШК Гамбит АСЕЕ, а со поддршка на Општина Ѓорче Петров.
– Годинашниот турнир до осум години го посветивме на човекот што со своето тивко и достоинствено однесување остави длабока трага кај многу генерации. Тоа е Звонимир Вукелиќ, еминентен стручњак и почитуван професор на градежните факултети низ поранешна СФРЈ, кој беше голем љубител на шахот и учесник на многу турнири. Неговата ќерка, Марија Вукелиќ-Шутоска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, обезбеди награди во форма на играчки и дипломи за секое дете на турнирот. Но турнирот ни претстави и нови шаховски таленти, првпат имавме учесници родени 2020 година, со само шест години. Според присутните родители, тренери и љубители на шахот, условите за игра и целокупната организација беа токму во духот на името на турнирот – вели истакнатиот шаховски тренер Орце Данчевски.
Првото место му припадна на единствениот на турнирот со рејтинг, Олег Русевски (1.540 поени), кој направи фишеровски резултат со максимални седум победи. Втор е Дино Ачкоски со пет поени, колку што имаше и третопласираниот Христијан Танчев, во конкуренција на 19 учесници, од кои една шахистка. На турнирот до 10 години учествуваа 37 деца. Кај девојчињата, вкупно шест, победи Мила Пејковска со 3,5 поени од седум партии, пред Теодора Филиповска Христов со три поени и Уна Цветковска со 2,5 поена. Кај момчињата триумфира Калин Стаменковски со 6,5 поени, пред актуелниот шампион на Македонија во оваа возраст, Бенџамин Бурнс со шест, а трет е Виктор Јовковски со 5,5. Г.И.