Фото: Београдско драмско позориште

(Кон претставата „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ и во продукција на Белградскиот драмски театар. Улогите ги толкуваат: Ана Чурчиќ, Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Бојана Стојковиќ, Амар Ќоровиќ, Љубомир Булајиќ, Ана Јанковиќ)

Промените секогаш се процес на нов почеток, макар тоа било и последно. Том Стопард некаде низ есенциите на своите мудрости, во своите дела ќе каже: „Гледај на секој излез како на влез некаде на друго место“. Дејан Дуковски во својот последен текст „Црно злато“ зборува токму за тие влезови и излези во нашите животи, но и за фаталноста на транзицијата кога секој од нас е принуден да прави глобални пресврти. Болката на транзицијата на овие поднебја нема никогаш да стивне и сега сме во фаза во која веќе нема никаков лек, освен заминување на друго место. Сечење во здраво за да се залекува социјалниот канцер и да се најде спас од обезличувањето и погубноста. Овој драмски текст на Дејан Дуковски нè потсетува на еден внатрешен процес, кој се чини дека одамна сме го запоставиле или можеби не сакаме да се сетиме на него, а тоа е: кога ни било потешко, во деведесеттите или сега? Секако, не станува збор за некое идно идеологизирање или предвидување. Немаме иднина, но како ни е сега? Во тие локви од прашања, Дуковски ни отвора една приказна што конечно ја метастазира оваа канцерогена транзитивна состојба, која, како што рековме, нема што да ја излекува. Тоа е приказната за Ангела, која доаѓајќи во Македонија го разбранува и онака заматеното социјално и општествено мочуриште со својата тајна, која, пак, од друга страна ги разотвора и тајните на целото девастирано семејство, но и целиот систем. „Црно злато“ е драма за изгубениот син и изгубеното семејство, кое својата интимна трагедија ја препознава токму во богатата туѓинка, која сака да си го земе она што ѝ припаѓа или можеби да си ја однесе смртта со себе за да биде секому по заслугата. Богат со сочен дијалог и неизбежните максими, кои ќе се споменуваат долго по неговото инсценирање, „Црно злато“ е драмски реквием со горчлив вкус. Крајно импактен и длабоко доминантен и во неговото инсценирање, „Црно злато“ е враќање на голема врата на Дејан Дуковски во европската драматика.
Што се однесува до Оливер Фрљиќ и неговото режисерко видување, состојбата е сосема поинаква. Во овој концепт не гледаме речиси ништо од неговиот радикализам на кој сме биле навикнале во другите негови претстави (Проклет да е предавникот на својата татковина, Зоран Ѓинѓиќ, Александра Зец итн.), што генерално е симптоматиката на оваа претстава, но наглата промена на таа естетика можеби станува и некаков продукт (outcome) во едно друго искуствено допирање во театарското промислување на овој режисер, но веројатно е и една дилема, која можеби му поткажува дека радикалноста е можна ако е во прашање авторски проект, што од друга страна е и внатрешно недоразбирање, кое, ете, испловило со режијата на овој драмски текст на Дејан Дуковски. Но нејсе, и во оваа тивко наречена режисерска „конвенционалност“ на Фрљиќ наоѓаме нешто што со тешко срце би го нарекле естетско поместување, а тоа е повикувањето на Извршителката да влеземе да ја гледаме претставата, како и тоа бело глувче што ѝ се појавува на Ангела кога е сама, па кога ќе помислиме малку подетално, немало потреба ни од тоа затоа што имаме многу здраво и консеквентно изрежирана претстава со одлични актерски партии и со голема порака, па би си рекле додека ја следиме истата таа сè уште свесни дека режијата ја потпишал Оливер Фрљиќ дека „можело и така“.

Тоа „можело и така“ е, како што споменав погоре, одлично конципирана претстава за текст што навистина доминира со приказната, мотивот и пораката. Секако и актерската енергија, која е огромна и се чини една од големите причини да се погледне претставата.
Ана Чурчиќ е фаталната Ангела, мистериозната, богата девојка што доаѓа од Шпанија во семејството што го напуштила отворајќи ги сите рани на малограѓанштината и погубната општествена дисторзија. Со силен актерски израз, оваа млада актерка гради лик што сензуално сè уште е во дослух со полот што го носел во претходниот живот, кога бил/била дел од семејството што со големо задоволство го девастира и тоа е актерска креација достојна за секоја почит. Тука е и робусниот грозоморно безобразен Димитрие, татко на Ангеле/Ангела, кој не може да ја прифати наметнатата за него дегутантна ситуација во која е фрлен, а особено потсетувањето на понижувањето на својот единствен син, кој му се враќа во онаа форма во која тој го гледал во своите најлоши соништа, лик што одлично го одигрува Милутин Милошевиќ со сите идиоматски нијанси на неговата реторика, а до него е и по малку полудената, но субмисивна женичка Мара, која многу сликовито ја донесува Наташа Марковиќ, додека сестрата на Ангеле/Ангела, Ката, во еден исклучително динамичен израз ни ја донесува сјајната Јана Милосављевиќ. Она што во актерска смисла импонира се епизодните улоги во кои пред сѐ одушевува талентираниот Милан Зариќ, кој својот Киро, поранешниот дечко на Ангеле, очаен поради промашениот брак, го одигрува со задржана емотивност, додека тука можеме да ги споменеме и Извршителката, сатиричен лик од денешницата што Бојана Стојковиќ го одигрува со голема елоквентност, како и Барабата на Љубомир Булајиќ, типичен пример на насилник од ова време кому Ангела му се одмаздува со големо задоволство, лик што овој талентиран актер го одигрува со голема умешност, како и ликот на зетот, адвокат Семир, исто така епизодна улога што сосема допадливо ја одигрува Амар Ќоровиќ.
Визуелниот аспект на претставата го потпишуваат Игор Паушка, чија сценографија е мошне органично провната во куќа, која ја придвижуваат самите актери и која е на некој начин нивно засолниште, но и место од каде што ќе излезат во светот што веќе не може да се поднесе, доста компактно визуелно решение на кое се надополнува и костимографијата на Татјана Радишиќ, која за нијанса излегува од конвенционалноста, потенцирајќи ја колоритноста кај некои ликови како што се Ангела, Мара, Извршителката итн.

И текстот и претставата започнуваат и завршуваат со стихови од македонската народна песна „Дејгиди луди млади години…“, која ги наметнува временскиот контекст, минатото и сегашноста како неверојатност за која транзитивните луѓе стануваат сè посвесни, обидувајќи се да се визуализираат во време што не им припаѓа. Дваесет и првиот век е време на селидби и напуштање на ирационалноста на транзицијата, процес што е исто така ирационален самиот по себе затоа што содржи голема доза страв и неизвесност. Ангеле избегал на истиот начин, но успеал таа ирационалност да ја врати дома, кај своето семејство, чија нецивилизираност е состојба за која веќе нема спас, па и самиот/самата се стопува во нивното исчезнување, несреќен/несреќна што се одлучил/одлучила на таков потег.
Претставата на Фрљиќ ги отвора сите тие болни прашања на еден многу ригиден начин и, всушност, тоа е она што ја прави екстравагантна и автентична. Кога сме веќе кај автентичноста, и Дуковски и Фрљиќ се навраќаат на, се чини, еден недоречен аспект на транзицијата, а тоа е: идентитетот, но не говорат за „губењето на идентитетот“ како клише и ововременски нонсенс, туку зборуваат за неговата потреба во време кога стомаците се празни, а децата во основното училиште зад грбот носат остри ножеви и сето тоа, всушност, синтетизирано во прашањето на приоритетот. Или можеби, пак, ништо не е важно кога по времето кога во „државата што си имала своја мафија, сега дошло време на мафијата што има своја држава“.