РАКОМЕТ
- ИХФ останува посветена на обезбедувањето ракометот да продолжи да биде сила за добро, спорт што гради мостови и покажува дека вредностите на ферплејот не се амбиција, туку се остварливи и видливи, пишува ИХФ
Спортот е за тоа како некој се натпреварува, како се однесува кон противниците и какви вредности носи на теренот и надвор од него. Тоа верување е во центарот на значајната одлука на Обединетите нации (ОН), кои го прогласија 19 мај за Светски ден на ферплејот, глобално одбележување, за да се прослави практикувањето спорт во духот на пријателството, солидарноста, толеранцијата и инклузијата, ослободено од дискриминација во сите негови форми.
Целта на Олимпиското движење, како што е наведено во Олимписката повелба, е да се промовира и да се придонесе за практикувањето спорт во „духот на пријателството, солидарноста и ферплејот“. Духот на ферплејот вклучува почитување на правилата и на противникот и борба против насилството и нефер-однесувањето, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница. За ИХФ, вредностите содржани во Светскиот ден на ферплејот се внесени во ткаенината на сѐ кон што работи ИХФ, од програмите за развој на локално ниво, кои го носат ракометот во заедниците низ сите шест континенти, до водечките светски првенства, кои ги обединуваат нациите под ист покрив, поврзани со заедничка љубов кон играта. Ракометот, по својата природа, е спорт на поврзување. Тој е брз, физички и колективен, игра што бара почит и доверба меѓу соиграчите и противниците. Секојпат кога играч ќе подаде рака по тешка битка, секојпат кога публиката аплаудира поради вистински спортски дух, духот на ферплејот оживува токму на начинот на кој ОН го замислија кога го воспоставија овој ден, пишува ИХФ. Светскиот ден на ферплејот служи како годишен потсетник дека спортот носи одговорност во свет каде што поделбата и нетолеранцијата остануваат итни предизвици. Спортската арена нуди нешто ретко, простор каде што луѓе од многу различни потекла се натпреваруваат под еднакви услови, обединети од истата страст. Тоа е привилегија и нешто што вреди да се слави и заштити. ИХФ останува посветена на обезбедувањето ракометот да продолжи да биде сила за добро, спорт што гради мостови и покажува, натпревар по натпревар и натпревар по натпревар, дека вредностите на ферплејот не се амбиција, туку се остварливи и видливи, пишува ИХФ. Г.И.































