Домување

За време на студените денови, важно е собите во кои престојуваме да бидат топли и да останат такви што е можно подолго. Тоа можете да го постигнете ако ги земете предвид некои совети што не бараат многу труд од вас и, што е најважно, евтини се, пишува „Метрополитен“.
Алуминиумска фолија: За да не ја изгубите топлината од радијаторот, на задната страна ставете алуминиумска фолија. Тоа ќе го пренасочи топлиот воздух кон центарот на собата.
Завеси: Наутро ширум отворете ги завесите и пуштете ја во просторијата утринската светлина што е „заробена“ во прозорците. Пред спиење, навлечете ги завесите на сите прозорци. Во повеќето домови, греењето е послабо во текот на ноќта, а завесите ќе спречат топлиот воздух да излезе низ прозорците. Завесите што ги користите во зима треба да бидат што е можно подебели. Тие ќе ја задржат топлината подолго.
Украсете ги ѕидовите: Поставувањето фотографии, огледала и слики на ѕидовите ќе спречи загуба на топлина. Дури и подебел постер може да создаде дополнителен слој на изолација, кој ја зголемува температурата во станот и на тој начин ги спречува студените ѕидови да го апсорбираат топлиот воздух.
Теписи: Теписите и ќебињата се многу корисни. Освен што се украсни елементи, тие го спречуваат собирањето ладен воздух во просторијата. Доколку немате добра изолација на подот, дури десет проценти од топлиот воздух може да се апсорбираат во студениот под. Теписите се одлични изолатори, а исто така ќе ви ги загреат стапалата.
Не загревајте ги просториите што не ги користите: Не загревајте ги ходниците и просториите што не ги користите. Исклучете го греењето во нив и затворете ги вратите за да спречите непотребно губење топлина.