ОДНОСИТЕ МЕЃУ ТУРЦИЈА И ГРЦИЈА ПОТКОПАНИ ЗАРАДИ ОСТРОВИТЕ ВО ИСТОЧНО ЕГЕЈСКО МОРЕ

Изминатиот период грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го отвори прашањето за Турција и нејзиното незаконско нарушување на грчкиот воздушен простор, додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара да се испочитува договорот за демилитаризација на неколку грчки острови

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара демилитаризација на неколку грчки острови и се заканува со војна. Многу Грци стравуваат дека заканите нема да запрат. Турско-грчките односи се сведени на минимум по размената на остри тонови меѓу Атина и Анкара. Изминатиот период грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го отвори прашањето за агресијата на Турција и нејзиното незаконско нарушување на грчкиот воздушен простор за време на посетата на Вашингтон и неговиот говор во американскиот Конгрес, што го налути Ердоган. Турскиот лидер рече дека Мицотакис не го испочитувал договорот што го постигнале да не се вклучат трети страни во нивниот спор. Ердоган објасни дека затоа „завршил“ со грчкиот премиер и дека никогаш повеќе нема да разговара со него, а Мицотакис изјави дека би сакал повторно да се сретне со турскиот претседател.

Нова причина за вербална ескалација меѓу двете земји беше емитувањето на емисијата на турскиот провладин ТВ-канал Хабер Турк. Еден од гостите во студиото, новинарот Гуркан Зенгин, на картата исцрта вертикална линија на југ, за која смета дека треба да биде вистинската граница меѓу Грција и Турција. Сепак, тоа би значело дека неколку грчки острови, како на пример туристичките центри Родос и Кос, ќе станат турска територија.

„Анкара е единствено одговорна за ескалацијата на тензиите меѓу Грција и Турција“, изјави од друга страна премиерот Кирјакос Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Запрашан што би направила Грција доколку не надвладее логиката во Анкара и тензиите ескалираат, Мицотакис рече: „Ќе направиме сѐ што е потребно“.
– Грците мора да се чувствуваат апсолутно безбедни, бидејќи земјата не само што има силно одвраќање, за кое се погриживме да го зајакнеме во текот на овие три години, туку во исто време имаме многу силни сојузници – рече тој.

Минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во говорот што го имаше по повод големата воена вежба во Измир, во која учествуваат сојузниците од НАТО, во повеќе наврати ја обвини Грција за милитаризација на голем број егејски острови. Притоа укажа и на можните последици од натамошното наоружување.
– Атина треба да ги избегне соништата, изјавите и постапките поради кои може да зажали. Таквите постапки можат да имаат катастрофални последици. Не се шегувам – изјави Ердоган.

Во Грција на ова се гледа како на јасна закана со војна, но засега грчката влада е воздржана. Министерот за надворешни работи Никос Дендијас, на самитот на земјите од Југоисточна Европа во Солун, рече дека нема да придонесат за „ескалација со соседната Турција со возвраќање на навредливите изјави и на незаконските и непримерните барања и обвинувања“. Грчкото министерство за надворешни работи објави 16 мапи, кои имаат цел да ги документираат размерите на „турскиот ревизионизам“. Намерата е да се прикажат турските територијални претензии од 1923 година до денес. Поради ова, Атина наоѓа објаснување за одлуката да не ги демилитаризира островите во источниот дел на Егејско Море.

Во изминатиот период двете земји реагираа на нарушување на воздушниот простор над овој дел од Медитеранот. Во фокусот на територијалниот спор првенствено се групата острови под називот Додеканези, во кои влегува и Родос, но и други острови како Лезбос, Самос и Кос. Турско-грчката граница е регулирана пред сто години, но прашањето за суверените права во источниот дел на Егејско Море е сложено, од аспект на меѓународното право. Со договорите од 1923 и од 1947 година е одредено кои острови им припаѓаат на двете земји, но некои од нив не треба да се милитаризираат.