Американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“ – огледало на состојбата на американската морнарица
- Серијата инциденти на нуклеарниот носач „Хари С. Труман“ отвораат прашање за состојбата на најмоќната морнарица во светот. Истрагите покажуваат низа пропусти, кои, барем во дел од случаите, можеле да бидат спречени
На палубата на американскиот носач на авиони грешката не трае долго. Неколку секунди се доволни за милиони долари да исчезнат во морето. Токму тоа се случуваше на американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“ (USS Harry S. Truman).
Бродот носач, кој треба да биде една од најмоќните подвижни платформи на американската воена сила, повеќепати се најде во центарот на серија сериозни инциденти, од судир со танкер до губење борбени авиони. И зад спектакуларните сцени од палубата, според истрагите, се појавува многу посериозна слика, која е забележана на носачот, но и според некои западни воени аналитичари, исти симптоми се забележани во целата американска морнарица, како што се проблеми со комуникацијата, одржувањето, обуката, човечкиот фактор и можеби најважно – недостигот од луѓе.
Од симбол на американската воена моќ до брод на кој авионите завршуваат во морето
Еден од најбизарните инциденти на „Хари С. Труман“ се случил во Црвено Море. Имено, авион Ф/A-18Е „супер хорнет“ бил влечен кон хангарот кога екипажот ја изгубил контролата врз леталото. Во исто време, носачот презел маневар за избегнување закана и нагло ги променил брзината и курсот. Авионoт, заедно со влечното возило, почнал да се движи наназад. Моментот кога станало јасно дека леталото не може да биде запрено бил критичен. Членовите на екипажот успеале да скокнат, но авионот и тракторот завршиле преку работ и паднале во морето. Вредноста на изгубениот „супер хорнет“ се проценува на десетици милиони долари. За среќа, човечкиот биланс бил ограничен на една полесна повреда. Но, тоа, според потврдени извори во медиумите, не бил крајот. Само неколку дена подоцна, уште еден Ф/А-18 бил изгубен – овој пат при слетување. За време на маневарот откажал системот за запирање, односно кабелот што треба да го „фати“ авионот и да го запре на палубата. Леталото завршило преку работ на носачот и паднало во морето. Екипажот успеал да се катапултира и бил спасен. За воена сила што годишно троши милијарди долари за технологија, обука и безбедност, ваквата низа настани не може лесно да се објасни како обична несреќа.
Истрагата покажува дека проблемот не бил само во техниката
Она што особено загрижува е заклучокот на истрагите. Во повеќе случаи не станувало збор за некоја непредвидлива виша сила, туку за комбинација од човечки пропусти. Според американските медиуми, во прашање биле недоволна комуникација меѓу тимовите, потоа проблеми со опремата, нејзино неадекватно одржување, а што е најважно, истакнато е дека работел недоволно обучен персонал, постоеле знаци на замор, недоволна контрола и атмосфера во која задачите се извршуваат недоволно одговорно. Во еден од извештаите дури се констатира дека „комуникацијата меѓу командниот мост, палубата и хангарот значително придонела за губењето на авионот“.
Невидливиот противник: 18.000 луѓе што недостигаат
Зад целата состојба, според воените анализи во специјализираните американски медиуми, се крие проблем што не се гледа на фотографиите од моќните американски носачи, а тоа е недостигот од персонал.
Според податоците наведени во анализата, американската морнарица денес има недостиг од околу 18.000 припадници. Уште поалармантен е податокот дека во фискалната 2023 година, морнарицата изгубила околу 7.000 морнари повеќе отколку што примила. Тоа значи повеќе обврски за помал број луѓе, а значи и помалку време за обука и одржување, неизбежно, поголем замор, се констатира во анализите.
Американската морнарица станува поголема, но дали станува и побезбедна?
Според пишувањата на специјализираните воени магазини, проблемот на американската морнарица не завршува тука. Имено, од 2022 година е забележан раст на сериозните инциденти во американската воена авијација и на море.
Во 2025 година стапката на инциденти од најтешката класа А достигнала 1,89 на 100.000 часа летање, во споредба со просек од 1,33 во периодот 2016–2025. Според податоците цитирани во писмо до Пентагон од сенаторката Елизабет Ворен, инцидентите во периодот 2020–2024 година чинеле околу 9,4 милијарди долари, со 90 загинати припадници на вооружените сили и цивилни службеници и 89 уништени летала. Тоа веќе не изгледа како серија изолирани несреќи. Изгледа како системски проблем, се констатира во извештаите.
Пандемијата остави празнина што не се пополнува прекуноќ
Според анализите, еден дел од објаснувањето лежи во периодот на пандемијата.
Помалку операции значеа помалку часови летање, а помалку часови летање значат помалку практично искуство.
– Пилотот може да го знае секој маневар теоретски, но борбената готовност се гради со часови поминати во воздух и со повторување на критичните процедури. Исто е и со морнарите. На огромен носач секој човек има своја задача. Кога некој недостига, неговата работа не исчезнува. Таа само се префрла на друг. А кога тоа се повторува со месеци, заморот почнува да станува дел од системот – се анализира во извештаите на специјализираните воени магазини.
„Хари С. Труман“ е предупредување
Од друга страна, според други анализи, американската морнарица покажува знаци на подобрување во регрутирањето. Во последните две години регрутирала околу 81.200 морнари и ги исполнила поставените цели пред рокот. Но новиот морнар не станува искусен специјалист прекуноќ, пишуваат во анализите специјализираните воени магазини.
– За стекнување целосна стручност можат да бидат потребни години. И токму тука се наоѓа најнепријатниот дел од приказната. Најскапата воена опрема може да се купи за месеци. Но човек што знае како да ја користи – не може. Затоа серијата инциденти на „Хари С. Труман“ не е само приказна за два изгубени авиона. Тоа е приказна за систем во кој технологијата станува сè поскапа, задачите сè покомплексни, а луѓето сè поважни – и сè потешки за надоместување – анализираат западни аналитичари во низа текстови во кои предупредуваат за падот на подготвеноста на морнарицата на САД.
Во анализите се нагласува моќта на американскиот носач и покрај низата инциденти.
– Американскиот носач и понатаму останува огромна воена машина способна да проектира сила илјадници километри од американскиот брег. Но последните инциденти покажаа нешто што на Пентагон веројатно најмалку му се допаѓа. Понекогаш најголемата опасност за најмоќната воена машина не доаѓа од непријателот. Понекогаш доаѓа од заморот, неисправната опрема, лошата комуникација – и од човекот, кој едноставно немал доволно време или обука да ја спречи несреќата – се констатира во написите. Р.С.

































