ЏУДО – ПРЕД БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО БИХ

  • Тренажниот процес се одвиваше во две сесии во текот на денот. Тренингот го водеа селекторот Филип Макаловски и помошник-тренерот Марио Тошески

Во Битола, изминатава сабота беше реализиран еднодневен двократен тренинг за селекција и за подготовка на натпреварувачите во возрасната категорија до 12 години, а во пресрет на претстојното Балканско првенство, кое ќе се одржи на 24 и на 25 октомври во Сараево (Босна и Херцеговина).
Тренингот беше наменет за натпреварувачите родени во 2015 и во 2016 година, а со цел да се направи увид во нивната моментна спортска, техничко-тактичка и физичка подготвеност, потоа дисциплина и ангажираност, како и нивна подготвеност за настап на претстојниот меѓународен натпревар.
Тренажниот процес се одвиваше во две сесии во текот на денот. Тренингот го водеа селекторот Филип Макаловски и помошник-тренерот Марио Тошески, кои работеа на следење и процена на квалитетите на присутните натпреварувачи, со цел избор на најподготвените кандидати за претставување на Македонија на Балканското првенство.
– Овој селективен тренинг претставува значаен чекор во подготовките на младите џудисти за претстојниот меѓународен предизвик, како и можност за нивно спортско усовршување, стекнување натпреварувачко искуство и афирмација на македонското џудо. Со заедничка работа, посветеност и спортски дух, продолжуваме да го развиваме и да го афирмираме македонското џудо – велат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Г.И.