„Убавите жени на мојот народ“ e концептуална изложба на фотографии на Славчо Максимовски, која ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во салонот „Империјал“, во Културно-информативниот центар. Изложбата ќе биде отворена до 14 септември.
– Следејќи го академскиот пат на Славчо Максимовски низ мојата перцептивна призма преточена низ збор, неоспорна е забелешката за присуството на енергијата на жената, на женското тело и феминината природа во неговите дела. Создавана во најразлични форми, облици и состојби, транзитирана од фиктивното, па сѐ до реалното нејзино постоење, неговиот интерес за неа сѐ уште претставува континуирана инспирација за себеискажување. Каков е женскиот развоен пат, сите сме свесни помалку или повеќе. Таков, каков што е претставен во песната „Убавите жени“ на Блаже Конески, за Славчо претставува мотив за создавање на овие дела. Неговиот мотив за видливоста на жената на нашиот народ претставува чекор проследен со аплауз – пишува Валентина Матовска за изложбата.
Славчо Максимовски во 2011 г. дипломирал на Факултетот за хумани науки и уметност, при Универзитетот во Тетово, насока графика, во класата на Нафи Јашари. Во 2018 г. магистрирал на Факултетот за ликовна уметност, насока сликарство, во класата на Јован Шумковски. Се усовршувал и преку стручни престои во Франција и во Шпанија. Своите ликовни дела ги изложувал во Македонија и во странство, на самостојни и на групни изложби.