Влада Урошевиќ, писател

Поголем од најголемите. Влада Урошевиќ е поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Автор со огромно поетско, прозно и преведувачко творештво. Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Деновиве Урошевиќ беше дел од „Скопскиот поетски фестивал“, чие второ издание заврши вчера.

„Скопскиот поетски фестивал“ е млад и во полет, па колку му беше потребно на Скопје едно вакво поетско збиднување?
– Сум имал можности да присуствувам на многу возбудливи книжевни вечери – во МКЦ, во некогашната „Менада“, во киното „Култура“, во „Буква“ – и сум можел да се уверам дека Скопје има една многубројна, млада, љубопитна, чувствителна книжевна публика. Идејата за „Скопскиот поетски фестивал“ доаѓа во вистински момент, по периодот на комуницирање со мејлови, можеме малку да се разделиме од компјутерот. Време е да излеземе од принудната изолација. Ајде да се дружиме!

Порано поетите беа третирани како најважните гласници, а денес нивниот глас е ставен некаде на маргините, зошто?
– Има повеќе причини зошто сиромашката поезија од привилегирана дама со висок статус се претвори во срамежлива Пепелашка, која повеќе не ја повикуваат на балови и која, при таквите свечени пригоди, само ѕирка од кујната. Прво, општеството (оној негов практичен дел што гледа од сѐ да извлече корист) увиде дека со поезијата не може ниту да се привлечат гласачи, ниту да се направи профит, ниту, пак, да се остварат некои грандиозни идеи што би требало да го променат светот. И второ, поетот („тој лажго слабо платен“ – вели Бодлер, но тоа е 19 век) одбива веќе да се става во служба на власта, да ѝ пишува пофални оди, да се поведува по вкусот на оној дел од публиката што, пред сѐ, бара лесна забава и циркуски атракции. И – разделбата стана неизбежна. Сега поетот продолжува да создава и да објавува стихови, кои се печатат во бесмислено мали тиражи, а општеството бара (и наоѓа) други исполнувачи на неговите проекти.

Поетот треба „да си тера по своето“, имате изјавено во една пригода. Постои ли миг кога поетот не смее да биде свој?
– Поетот не треба да се чувствува обврзан да ги исполнува „задачите на денот“. Поетот не му е должен никому ништо, освен, можеби, на јазикот на кој пишува и од кој тој ги создава своите дела. Не сметам дека секоја тема што ни ја наложува актуелната ситуација е адекватна за поетска обработка. Може ли да се напише песна за пандемијата или за енергетската криза, или за опасноста од третата светска војна и атомската апокалипса? Ако има поет што мисли дека може да го стави тоа во песна, нека се обиде, зошто да не. Јас само се плашам дека резултатот нема да биде на висина на задачата. Во огромен број такви случаи, она што се добива како „поетска творба“ е само куп од општи места и „големи зборови“. Ми се чини дека понекогаш е покорисно поетот да молчи отколку да пишува бедни стихчиња „на актуелни теми“ што само ја деградираат поезијата.

Многумина поети имаат чувство дека сѐ што минува низ нив треба да се стави на хартија. Што треба да запише поетот?
– Не би сакал да пропишувам правила, затоа што поезијата се манифестира, многу често, токму низ кршење на правилата. Па сепак, ајде да се обидеме: поетот треба да го запише она за што неговиот внатрешен глас му вели дека мора да го запише. Во ред, но вие потоа ќе ме запрашате: „А што е тоа – неговиот внатрешен глас?“ – и јас нема да имам одговор.

Колку е важна младата поетска струја за една книжевна сцена?
– Уживам да погодувам кој млад поетски глас ќе стане, по неколку години, еден од водечките во нашата поезија. Мислам дека Марина Цветаева има речено: „Критиката е апсолутен слух за иднината“. Младите се тие што ја носат свежината во една поезија и го обновуваат нејзиниот елан. Додека се млади, тие мислат дека она што го пишуваат значи апсолутен раскин со дотогашната поетска традиција. Младите, инаку, немаат потреба од некаква особена поддршка – пробивната моќ им ја даваат нивната младост и енергијата што со себе ја носат. Ако имаат вистинска дарба (и подготвеност да работат врз нејзиното усовршување) – самите ќе се изборат за своето место во литературата. Дури, може да се рече, тешкотиите на „пробивањето“ во книжевната средина ги зацврстуваат и им даваат дополнителна решителност. Лесниот успех на почетокот не е најсигурна гаранција за иднината. Не треба да заборават, притоа, дека она што денес во светот се нарекува „успешен писател“ не е исто што и навистина добар писател.

Денес се чини дека секој може да објави книга. Колку е тоа добро и лошо, истовремено?
– Во минатиот век во нашиот книжевен живот владееше правило дека еден млад поет мора прво да објави, и тоа повеќепати во текот на неколку години, свои стихови во книжевните списанија – да стане, на извесен начин, познат во јавноста, „да го испече занаетот“, па дури тогаш да му биде објавена збирката песни. Сега младите поети одат направо кон издавање книги – тоа стана полесно и, можам да речам, понеобврзувачко. А колку е тоа добро или лошо, тешко е да се рече. Од една страна е добро – бидејќи не постојат разни административни процедури што понекогаш беа злоупотребувани од моќниците што го попречуваа процесот на појавата на новите гласови на јавната сцена. Но – и лошо, бидејќи веќе не постојат „филтри“ што ја одделуваат вистинската вредност од случајна занимавка со пишување „стихови“, а тоа ги растура сите скали на вредноста и доведува до инфлација во книжевната продукција.

Какво би било човештвото без поезија?
– Да не се залажуваме: човештвото може да се замисли и без поезија. Како што можеме да го замислиме, во некоја иднина (или во некакво дело на антиутопија), и без љубов, без религија, без духовен живот, без социјална правда, без права на индивидуалност, без права на разлики. Нивелизирано, механизирано, роботизирано. Тоа, несомнено, би било едно многу потажно, побездушно, поздодевно човештво. Затоа: додека не дојде до тоа, читајте поезија за барем да го одложиме некако тој момент.