Фото: Принт-скрин

Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Иван Дерменџиев, и неговиот колега од Министерството за одбрана, Димитар Стојанов, придружувани од началникот на бугарскиот Генералштаб денеска извршија генерална инспекција на бугарско-турската граница, јавува дописникот на МИА од Софија.

– Причина за оваа заедничка посета е зголемениот илегален влез на сириски и авганистански мигранти преку бугарско-турската граница во последните неколку недели. Над 350 војници се вклучени во обезбедување на турско-бугарската граница, обезбедена е и техничка опрема – истакна Дерменџиев.

Министерот Стојанов, пак, кажа дека постои подготвеност на границата со Турција да пристигнат уште 150 војници и да помогнат во нејзиното обезбедување. Тој кажа дека на „граничната полиција“ и биле дадени дронови од бугарската армија за следење на границата со Турција.

Попладнево бугарскиот и турскиот заменик-министер за внатрешни работи ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за заедничките активности за спречување на мигрантите да стигнат до бугарската граница и да се обезбеди зголемено присуство на турските полициски власти долж границата со Бугарија.

Според Демерџиев, вонредните мерки против мигрантскиот притисок од Турција дале резултат и од 1.000 мигранти кои се обиделе да влезат во Бугарија пред две недели, сега има намалување за 500 случаи, но прашањето останува многу сериозно за Бугарија.

Министерот за внатрешни работи најави дека многу сериозно се работи со лицата кои се занимаваат со трговија со мигранти во Бугарија, па затоа е составен и список и тие се под надзор. Тој додаде дека ќе има кадровски промени во Граничната полиција на Бугарија и додаде дека се проверуваат сите случаи на полициски службеници од пограничните региони инволвирани во илегална трговија со мигранти.