„Театар комедија“ од Скопје, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, оствари соработка со Народно позориште од Белград, каде што ќе гостува со мјузиклот „Боливуд“ од Маја Пелевиќ, а во режија на Наташа Поплавска. Претставата ќе се одигра на 5 декември, на сцената „Раша Плаовиќ“. Со ова гостување „Театар комедија“ започнува културна соработка со Народно позориште од Белград, а следната година се очекува нивно гостување на сцената на „Театар комедија“, со што се поттикнува иницијативата Отворен Балкан, како и воспоставувањето идни културни соработки помеѓу Македонија и Србија.
„Боливуд“ е првиот мјузикл на „Театар комедија“, работен по текст и песни на српската писателка Маја Пелевиќ, чија премиерна изведба се одржа во ноември 2019 година. Драмскиот текст „Боливуд“ настана во 2018 година и е инспириран од патувањето на авторката во Северна Кореја, а во истата година Пелевиќ го постави на сцената на Народно позориште во Белград. Една година подоцна, македонската режисерка Наташа Поплавска, инспирирана од делото, го поставува мјузиклот „Боливуд“ на Маја Пелевиќ. Ова е четврти мјузикл на Наташа Поплавска и прв на матичната сцена во „Театар комедија“, по претходните исклучително успешни поставки на лиценцираните мјузикли: „Кабаре“ во 2006-та, „Чикаго“ во 2015-та и „Мама миа!“ во 2017 година.
Во двомесечната подготовка на „Боливуд“ е вклучен голем тим од професионалци: Наташа Илиевска, преведувачка на текстот и песните, заедно со режисерката Поплавска, која се јавува и како костимографка и кореографка, композиторот Огнен Анастасовски – автор на музиката, Емил Петров – сценограф и видеоаниматор, Милчо Александров – дизајнер на светло, Бојан Угриновски и Томи Анчов – дизајнери на звук и Сара Пројковска и Ана Костадиновска – вокални корепетиторки. Во мјузиклот играат актерите: Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.
Ова е второ гостување на „Боливуд“ надвор од границите на Македонија, по гостувањето на 17-то издание на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора, во 2021 година.