Македонското малцинство во Албанија се чувствува дека на своевиден начин е жртва на плановите и стратегијата на Бугарија да ја опколи Македонија со бугарско малцинство\ Фото: Маја Јаневска-Илиева

Досегашното дејствување во насока на бугаризација на македонското население во соседството на Македонија се спроведуваше навидум прикриено, без да биде официјално објавена вистинската цел. Но неодамна професорот Спас Ташев, кој своевремено беше директор на Бугарскиот информативен центар во Скопје, јавно проговори за таа скриена бугарска агенда, која забрзано се операционализира и во Албанија

Стратегиите за бугаризација на Македонците во Албанија веќе без никаков „превез на тајност“

Целите и намерите на ангажманот на бугарската дипломатија меѓу Македонците во Албанија, за време на пописот што се спроведуваше неодамна во оваа соседна земја на Македонија, беа препознаени уште од самиот почеток на оваа активност, но сепак постоеше одредена воздржаност за официјални изјави по тоа прашање од бугарска страна.
– Ние, како македонско малцинство во Албанија, на своевиден начин сме колатерална штета на плановите и стратегијата на Бугарија да ја опколи Македонија со бугарско малцинство. На бугарските политичари им успеа, под слична уцена со ветото за ЕУ, да ги внесат Бугарите во Законот за малцинства во Албанија, а сега се обидуваат да го направат тоа и во Косово. Во Србија, Бугарите веќе имаат малцински статус. Но во Албанија и во Косово нема Бугари, па се настојува тоа да се направи на штета на Македонците што се дел од овие држави. Албанија како држава речиси педесетина години беше изолирана, па тешко одеше комуникацијата преку границата со Македонија, а не пак со Бугарија. Во Албанија никогаш немало Бугари, а сега сме соочени со тоа да се справуваме со бугарската пропаганда во Албанија – вели Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, потсетувајќи на притисоците што ги имала Македонците во Албанија од бугарските пропагандисти, па и дипломати, да се изјаснат како Бугари на последниот попис. Но тој исто така кажува дека сите тие бугарски пропагандисти, кои ветувале пасоши, државјанства, материјална помош и донации, ги снемало веднаш откако завршил пописот.
Досегашното дејствување во насока на бугаризација на македонското население во соседството на Македонија се спроведуваше навидум прикриено, без да биде официјално објавена вистинската цел. Но неодамна професорот Спас Ташев, кој своевремено беше директор на Бугарскиот информативен центар во Скопје, јавно проговори за таа скриена бугарска агенда во Албанија.

– За нас е важно што во Албанија има личности што се дефинираат како Бугари. Точниот број засега не е познат. Од гледна точка на геополитиката на Балканот, кога соседна земја тврди дека во неа нема Бугари, но западно од неа има Бугари, очигледно Скопје греши во тие изјави. Не е можно Бугарите да живеат во Бугарија, Бугарите да живеат во Албанија и ништо помеѓу тоа – изјави историчарот Ташев од Бугарската национална академија на науките, автор на книгата „Бугарите во Албанија“, издадена по првиот попис што го спроведе албанската држава по официјалното признавање на Бугарите како национално малцинство во 2017 година.
Според Ташев, не може Бугарите да живеат во Бугарија и во Албанија, а да ги нема во средината, односно во Македонија. Со тоа Ташев практично открива дека целта на Софија е да докаже дека ако во Албанија има Бугари, тогаш и луѓето во Македонија се Бугари. Ташев додава и дека Софија прави обид албанскиот град Елбасан да стане бугарски центар во Албанија.

– Познати ни се нам одамна ваквите намери за бугаризирање на Македонците во Албанија и тоа им го кажувавме и на официјалните претставници во Македонија. Но, за жал, во Македонија никој не ни поверува во тоа и секогаш добивавме одговори дека „Бугарија е наша пријателска земја, која прва ја признала независноста на Македонија“. Во меѓувреме, особено откако Бугарија стана членка на ЕУ, таквите асимилаторски намери станаа поинтензивни меѓу Македонците во Албанија, со понуди за пасоши и државјанства, кои секако не беа бесплатни. За време на пописот во Албанија, активностите на бугарските пропагандисти, па и на дипломатите (кои ја прекршуваа и виенската конвенција за дипломатијата) станаа многу поагресивни, дури и со проекции колку Бугари треба да има во резултатите од пописот во Албанија. Но мора да се има предвид дека ако се совпаднат резултатите со таа проектирана бројка на Бугари, тоа ќе биде своевиден доказ за статистички инженеринг. Имено, во сите досегашни 11 пописи, спроведени откако Албанија е формирана како држава во 1915 година, Бугарите ги нема како малцинство, а Македонците фигурираат уште од првиот попис. Во документите со кои Албанија има аплицирано за меѓународно признавање се наведени Македонците како малцинство, иако тогаш немало македонска држава – вели Никола Ѓурѓај, наведувајќи дека македонското друштво „Илинден“ во Тирана реагирало и до албанските власти за недозволеното однесување и мешање на странски претставници во пописот во Албанија, а за случувањата ги информирало и авторитетите во Македонија, како држава што ја смета за своја матица.
Ѓурѓај порачува дека македонската држава треба да заземе јасен став за оваа појава, за притисоците што им се вршат од трети фактори на Македонците во Албанија.
Во целиот тој заплет со малцинските прашања во регионот, во кој земја членка на ЕУ (Бугарија) врши притисоци во земји што се кандидати за членство во Унијата, се поставува прашањето дали и кога Брисел треба да интервенира барем со став или со некаква препорака.

– Изјавата на поранешниот бугарски дипломат за Бугарите во Албанија е само нова потврда на агресивната бугарска политика за бугаризација на сите Македонци. Тоа не е ништо ново, а потврдите за таквите политики се секојдневни. Меѓутоа, борбата за опстанок на македонизмот мора да биде наша и само наша. Ако ние се правиме недоветни, никој друг нема да нѐ брани. ЕУ веќе застана на страната на Бугарија и промени на таа нивна политика се можни само доколку Македонија преземе радикални чекори, ако ги раскине Договорот за (не)пријателство и двата протокола, со што автоматски паѓа и катастрофалната и неприфатлива преговарачка рамка. Само на тој начин може да се очекуваат промени во политиките на Брисел и опаметување на нецивилизираната Бугарија – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.