Ефтимов и Рељиќ со медалот од Сараево

Во однос за нормата за Летните олимписки игри во 2024 година, ќе учествуваме на квалификациите во март во Софија, каде што две натпреварувачки од Европа ќе изборат директна норма за Париз следната година, вели тренерот Ефтимов

ТАЕКВОНДО – „БАЛКАН Г1-КУП“ ВО САРАЕВО

 

Македонската таеквондистка, членка на ТК Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ, постигна нов забележителен успех, освојувајќи сребрен медал на турнирот „Балкан Г1-куп“, кој се одржа во Сараево (БиХ).
Рељиќ како прва носителка во тежинската категорија до 62 кг, на ова силно натпреварување, во првото коло беше слободна, а потоа оствари победа со 2-1 во рунди против извонредната натпреварувачка од Хрватска, Леа Шпехар. Во полуфиналето Македонката со 2-0 во рунди славеше над Норвежанката Каролине Гјелсвик, а во финалето, и покрај одличната борба што ја прикажа, загуби со 0-2 во рунди од Србинката Надја Савковиќ.
Со овој медал Рељиќ ја продолжува низата на освојување медали од Г1-турнирите што ѝ носат поени за олимписка норма за настап на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.
– Сребрениот медал на Рељиќ ѝ донесе нови 7,2 поени. Извонредно тешка борба имаше со Хрватката, која досега има многу успеси на татамите, но Рељиќ покажа зрелост, стабилност, искуство во текот на целата борба и заслужено ја победи – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
Но Рељиќ наскоро продолжува со натпреварите, ќе биде дел и од Европското младинско првенство (ЕП) до 21 година.
– Следното натпреварување ни е од 8 до 10 декември на ЕП до 21 година во романскиот град Букурешт. Потоа следува пауза од месец и пол, односно до почеток на февруари следната година. Но, и во тој период нема да мируваме, туку во план е да одиме на повеќе спаринг-кампови со најдобрите таеквондистки од нејзината категорија – вели Ефтимов.
Се очекува со овој успех Рељиќ да напредува и на олимписката ранг-листа.
– Моментно сме 33-ти на олимписка ранг-листа, но со овие нови поени, очекувам Милијана да биде меѓу првите 30 на олимписката, а на светската листа сме деветти. Во однос на нормата за Летните олимписки игри во 2024 година, ќе учествуваме на квалификациите во март во Софија, каде што две натпреварувачки од Европа ќе изборат директна норма за Париз следната година – вели Ефтимов.
Годинава Рељиќ освои злато на „Скопје Г1 Рамус опен“, сребро на Талин „Г1 опен“, бронзи на клупското ЕП во Софија и на „Г2 опен“ во Анкара. Г.И.