Фото: ЕПА

Ми помага да бидам ментално побрз, да ги набљудувам потезите, да го гледам потегот што сакате да го направите, стратегијата…, постојано да се концентрирам, вели Алкараз, светскиот тениски рекет број 2, вљубеник во шахот, кој неодамна играше шах со локалното население во својот роден град

Карлос Алкараз е навикнат на дуели со противниците, од недела на недела, на тениските терени, а еден од клучевите за успехот на Шпанецот е неговото читање на играта, неговите тактики и неговата способност стратегиски да ги надмине своите противници за време на турнирите, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Но како тие вештини му помагаат на 20-годишниот тенисер кога станува збор за бркање победи на шаховска табла? Алкараз е вљубеник во шахот, чиј дедо го вовел во играта кога бил мало момче. Неговата страст за тоа трае до денес.
– Ми помага да бидам ментално побрз, да ги набљудувам потезите, да го гледам потегот што сакате да го направите, стратегијата…, постојано да се концентрирам. Во шахот, како и во тенисот, ако го тргнете погледот од топката на момент, може да го загубите натпреварот. Во тој поглед, тие се мошне слични дисциплини. Тоа помага затоа што сте фокусирани, вашиот ум работи – рече Алкараз во интервју за шпанскиот дневен весник „Марка“, пренесе АТП.
Љубителите на тенисот и на шахот сега имаат шанса да ги тестираат вештините на Алкараз со шаховските фигури во рака. Вториот на ранг-листата на АТП и освојувач на 12 титули на АТП-турнејата, вклучувајќи и два гранслем-турнира, е претставен како бот на интернет-страницата „Чес“ (chess.com), каде што секој корисник може виртуелно да го предизвика на платформата, пишува АТП. Сепак, нема да биде лесен натпревар. Ботот ги има сите оружја од репертоарот на Алкараз, што ги одразува неговите потези од реалниот живот на шаховска табла.
Алкараз играше шах неодамна. Пред неколку недели, тој седна на јавна тераса на Плаза де лас Флорес во неговиот роден град Мурсија за да игра со членовите на градскиот шаховски клуб Тадер. Минувачите беа изненадени кога го видоа тенисерот како се натпреварува, овој пат без рекет. Н.М.