Доделени „оскарите“

Еден од фаворитите на годинашното доделување на најзначајните филмски награди, филмот „Сѐ во исто време“ си замина од церемонијата дури со седум „оскари“. Оваа интересна научнофантастична семејна драма ги освои наградите за најдобар филм, најдобра женска улога, најдобра режија, најдобра филмска монтажа, најдобро оригинално сценарио, најдобра споредна женска улога и најдобра споредна машка улога. Воената драма „На запад ништо ново“ освои четири статуетки, а филмот „Кит“ освои две.
„Оскарот“ за најдобар филм го доби „Сѐ во исто време“, Брендан Фрејзер беше прогласен за најдобар актер за улогата во филмот „Кит“, а Мишел Јео ја освои златната статуетка во категоријата најдобра актерка за улогата во филмот „Сѐ во исто време“.
Првиот доделен „оскар“ беше за најдобар анимиран игран филм, кој отиде кај „Пинокио“ на Гиљермо дел Торо, а беше претставен од Двејн Џонсон и Емили Блант. „Оскарот“ за најдобра споредна машка улога го доби Ке Хуј Куан за улогата во филмот „Сѐ во исто време“, кој со солзи ја прими својата награда.
За најдобра споредна женска улога наградата ѝ припадна на Џејми Ли Кертис, исто така за улогата во филмот „Сѐ во исто време“. А „оскарот“ за најдобар долгометражен документарен филм му припадна на политичкиот документарен филм „Навални“ на режисерот Даниел Рохер, кој особено му се заблагодари на рускиот опозиционер Алексеј Навални и им го посвети на сите политички затвореници во светот, додека на сцената му се придружи и сопругата на Навални, Јулија, која пред сите му кажа колку го сака.„Оскарот“ за најдобар краток филм му припадна на филмот „Ајриш гудбај“, во режија на Том Беркли и Рос Вајт. Мајкл Б. Џордан и Џонатан Мејџорс го доделија „оскарот“ во категоријата најдобра фотографија, односно кинематографија, кој им припадна на филмот „На запад ништо ново“ и кинематограферот Џејмс Френд.
Во категоријата најдобра шминка и фризура, наградата отиде кај филмот „Кит“, а многумина се согласуваат дека тоа е сосема заслужено и оправдано. Во категоријата најдобар костимограф, филмот „Елвис“ беше фаворит, но златната статуетка ја добија филмот „Црн пантер: Ваканда засекогаш“ и неговата креаторка Рут Картер.
Салма Хајек и Антонио Бандерас го доделија „оскарот“ во категоријата најдобар странски игран филм, кој му припадна на филмот „На запад ништо ново“ на режисерот Едвард Бергер, кој годинава има најмногу номинации од земјите од неанглиско говорно подрачје, дури девет од нив, вклучувајќи го и оној за најдобар филм. Еден од најпопуларните актери во моментов, Педро Паскал и Елизабет Олсен го прогласија победникот во категоријата најдобар краток документарен филм, каде што наградата му припадна на филмот „Шепот на слонови“, на индиската режисерка Картика Гонсалвес.

Во категоријата најдобар краткометражен анимиран филм статуетка доби филмот „Момчето, кртот, лисицата и коњот“ на режисерот Питер Бајнтон
Холивудските актери Енди Мекдауел и Хју Грант ги објавија победниците во категоријата најдобра сценографија, а „оскарот“ отиде во рацете на филмот „На запад ништо ново“, исто како оној во категоријата најдобра оригинална партитура.
Во категоријата најдобри визуелни ефекти, „оскар“ освои филмот „Аватар: Патот на водата“ на Џејмс Камерон, кој целосно ги спои ефектите на анимираните и играните филмови. Флоренс Пју и Ендрју Гарфилд го прогласија победникот во категоријата најдобро сценарио, а наградата им припадна на Даниел Кван и Даниел Шајнерт за сценариото на филмот „Сѐ во исто време“. Во категоријата најдобро адаптирано сценарио добитничка е Сара Поли за филмот „Жените зборуваат“. Во категоријата најдобар звук, „оскарот“ отиде кај филмот „Топ ган: Маверик“, а во категоријата за најдобра оригинална песна, за песната „Naatu Naatu“ на Рахул Сиплигуњ и Каал Бајрав од филмот „РРР“. Наградата за најдобра монтажа му припадна на филмот „Сѐ во исто време“, исто како и „оскарот“ во категоријата за најдобра режија.
Годинава холивудските ѕвезди првпат по 62 години прошетаа по тепих во боја на шампањ наместо црвен, а меѓу првите пристигнаа Флоренс Пју, Ева Лонгорија, Сигурни Вивер, Брендан Фрејзер, Хали Бери, Никол Кидман, Кит Урбан, Мишел Јео, Кејт Бланшет и други.