Вечерва, во 20 часот, во киносалата на железничката станица (ул. Борка Талевски 26, Скопје) ќе се одржат филмска проекција и дискусија посветени на кооперативното домување и алтернативните начини на заедничко живеење. Настанот е дел од платформата „Градот како сцена“, организирана од „Акто“.
Филмот „Живеење заедно: Приказната за Де Варен“ следи група млади луѓе што во Амстердам основаат станбена заедница, која треба да биде истовремено одржлива, социјална и достапна. Проектот е амбициозен — прв од ваков вид во Холандија — а никој во групата на млади станбени пионери претходно не изградил куќа. Веднаш по филмот следува дискусија со Ана Ѓокиќ и Марк Нилен, интердисциплинарни уметници од Холандија, кои ќе го споделат своето искуство за проекти за кооперативно живеење. Дискусијата ќе ја предводи филозофот Максим Никифоровски. Влезот е слободен и отворен за пошироката јавност.
„Градот како сцена“ е платформа поддржана од „Гете институтот“ во Скопје и е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт фонд“. Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Македонија, користејќи ги културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.
































