Утре, во 12 часот, во Друштвото на писателите на Македонија, во соработка со шпанската амбасада, ќе се одржи омаж во чест на шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон. Омажот е по повод двегодишнината од неговата смрт, а Падрон беше добитник на „Златниот венец“ и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
За творештвото на Падрон ќе говори академик Влада Урошевиќ, а присутните ќе ги поздрави и Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Исто така, ќе се обрати и претставник на шпанската амбасада во Македонија, како и сопругата на Падрон, Клеопатра Филипова. Стихови од Хусто Хорхе Падрон ќе чита Ѓорѓи Калајџиев.