Фото: Архива

За познавачите на политичките состојби во земјава, ова личи на добро координирана операција од одредени соседни центри на Балканот што и натаму се задоени со идеи за големи држави, особено на оние со граници на почетокот на Втората светска војна, кога Македонија беше поделена меѓу Бугарија и Албанија. Тогашните граници чудно коинцидираат со денешните прогласувања на „албански“ градови во земјава, но и со распоредувањето на бугарските клубови низ државата. Наративот што се пласира во земјава дека ваквите „територијални изјави“ се само додворување до гласачите Албанци, за нашите соговорници е само алиби за да се релативизира во јавноста нивната вистинска конотација

Чија политичка навигација во Македонија е во спротивност на асномските определби

Суптилните навестувања дека при евентуално ново отворање на Уставот би можеле да се најдат на маса и барањата на албанската заедница во земјава за бришење на формулацијата „20 отсто“, во врска со употребата на албанскиот јазик, говорат само дека постои добро координиран бугарско-албански план како да се протурка старата идеја за големи држави на Балканот, слични на оние на почетокот на Втората светска војна.
Токму затоа нималку не може да се оценат како случајни неодамнешните изјави на тетовскиот градоначалник Билал Касами за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Тетово, кој градот со кој раководи го претстави како „албански главен град во С. Македонија“.
– Драг пријателе Албин, добре дојдовте во Тетово, албанскиот главен град на С. Македонија – напиша Касами на својот фејсбук-профил.
Ова е вторпат во рок од три недели Касами да го претставува Тетово како албански главен град на Македонија. Пред три недели истиот негов став го напиша при посетата на Тетово на делегацијата од градоначалници Албанци од Косово и од Србија.
Сличен наратив употребуваше и актуелниот прв вицепремиер Артан Груби, за кого Кичево е воен плен од 2001 година и таму градоначалник може да биде само Албанец.

Уставните измени да не се претворат во вовед во финализација на големодржавни планови

Сето ова говори дека настаните се одвиваат како на филмска лента, а почетокот со работа на работната група што треба да ги подготвува предлог-амандманите за уставните измени е знак дека процесот започнува по секоја цена, без оглед што опозицијата одбива да учествува.
Во сета таа смислена рашомонијада што ја создаде официјална Софија со барањето да се внесат Бугарите во македонскиот устав како услов за отворање на преговарачките поглавја со Европската Унија, одеднаш се надоврзаа и внатрешни сили, кои се обидуваат да ја протуркаат сопствената етничка агенда. Ако шефот на дипломатијата Бујар Османи на почетокот јасно рече дека сега не е време за дополнителни барања, односно за бришење на формулацијата „20 отсто“ од Уставот што се однесува на употребата на албанскиот јазик како официјален на целата територија на државата, многу брзо ретерираше од таквиот став.
– Јас не велам дека не треба политичките партии да ги постават сите теми во комисијата, туку таму да дебатираме, таму да разговараме доколку сметаме дека може, еве јас со две раце давам поддршка, но доколку гледаме дека ова може да се злоупотреби, тогаш треба да бидеме внимателни како ќе го претставиме интересот на нашата заедница – изјави Османи.
За познавачите на политичките состојби во земјава ова личи на добро координирана операција од одредени соседни центри на Балканот што и натаму се задоени со идеи за големи држави, особено на оние со граници на почетокот на Втората светска војна, кога Македонија беше поделена меѓу Бугарија и Албанија. Тогашните граници чудно коинцидираат со денешните прогласувања на „албански“ градови во земјава, но и со распоредувањето на бугарските клубови низ државата. Наративот што се пласира во земјава дека ваквите „територијални изјави“ се само додворување до гласачите Албанци, за нашите соговорници е само алиби за да се релативизира во јавноста нивната вистинска конотација.
– Кога на своите гласачи веќе три децении им се додворуваш со ист големоалбански наратив, без оглед дали од позиција на власт или опозиција, ти всушност градиш приказна што за гласачите станува реалност и нормално е тие да бараат реализација на таквите ветувања. На терен гледаме дека таквите барања се реализираат, а означувањето на територијата оди со полна пареа, како од албанска, така и од бугарска страна. Софија и Тирана работат координирано и никој не треба да има илузии околу тоа. На крајот сè ќе биде претставено како некаква регионална соработка, регионално поврзување, преку уставните измени ќе го направат и албанскиот јазик службен на целата територија на државата, Бугарите, ако бидат внесени во Уставот, уште поагресивно ќе ги истакнуваат своите барања, држејќи ја земјава во заложништво во делот на евроинтеграциите, така што од унитарноста ќе нема веќе ништо – потенцираат нашите соговорници.

Не зачудува што и бугарската и албанската содржинска нарација одат по линијата на окупациските зони од 1941 година

Професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја нема никаква дилема дека постои спрега меѓу Тирана и Софија околу реализацијата на големодржавните идеи.
– Секако дека се препознава спрега меѓу големоалбанските и големобугарските идеи. Историски секогаш било така. Кога биле активни тие сили, условно земено од источната граница на Македонија иако станувало збор за османлиската држава, секогаш биле заедно бугарско-албанските интереси во однос на Македонија и тие секогаш соработувале. Има голем број примери во историјата на македонскиот народ за такви соработки, како што е и српско-грчката заедничка актива на релацијата „север-југ“. Она што порано големите сили сакале да обезбедат како свои сфери на влијание, тоа го правеле преку овие блиски соседни земји на Македонија. Сега, во нашиот случај, фактички се пренебрегнати сите законски, државни одредби што на некој начин ја регулираат таа материја, не само во однос на знамињата, на наративот, освоените „албански“ градови како Кичево, Тетово. Кога некој ќе каже „воен плен“, тоа значи една зла намера, пакосна, значи дека не ја признаваш државата што ги определила своите определби уште со АСНОМ. Ако сакаме да бидеме отворени и искрени, фактички и бугарската и албанската содржинска нарација оди по линијата на окупациските зони што беа воспоставени во 1941 година – вели професорката Котлар-Трајкова.
Според неа, сега имаме буквална состојба на балистичко-врховистички притисок врз Македонија.
– Државата, односно оние што треба да ги спроведуваат државните правила, норми, процеси, одредби и политики не се на линија на македонските национални интереси, бидејќи македонските интереси се изразени во асномските одредби. Бидејќи овие балистичко-врховистички сили одат наспроти асномските одредби, ние сме во состојба на погазување на македонските интереси – појаснува Котлар-Трајкова.
Таа додава дека земјава ќе се соочи со уште поголем проблем ако во Уставот бидат додадени и Бугарите.
– Многу е голем проблемот со тоа што сега се заговара отворање на Уставот заради ставање на Бугарите. Значи, и едните и другите, и балистичките и врховистичките претставници никогаш не го признавале постоењето на македонскиот народ, а со тоа никогаш не ја признаа ниту неговата држава. И тие и понатаму ќе одат да го елиминираат државотворниот хабитус на македонскиот народ. Еве, да претпоставиме дека Бугарите ќе влезат во Уставот. Што останува тогаш со одредбите што се во вториот протокол од францускиот предлог, каде што има целосно негирање и асимилирање на македонскиот национален, државен, научен и културен хабитус од 80 години. Фактички тие 80 години кога ќе се негираат, ќе се изнегираат и преостанатите години и векови на македонски историски развој и посебност. И ние нема да бидеме македонска држава, туку ќе бидеме територијална варијабла во која единствено ќе треба да се определиме само кон понуденото, во кое нема да има македонско – заклучува професорката Наташа Котлар-Трајкова.