Креативна работилница по повод 8 Март – Светскиот ден на жената, во 4-1 одделение во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје

Во пресрет на празникот Осми март – Светски ден на жената, учениците од
4-1 одделение од ООУ „Блаже Конески“ во Скопје, со својата наставничка Јадранка Клисарова имаа повеќе активности. Децата со посебна радост го очекуваат празникот на жената, но тие повеќе го чувствуваат како празник на нивните мајки.
– Кога тие зборуваат за својата мајка, со жар во очите раскажуваат колку нивната мајка е најубава, најхрабра и најпожртвувана. Додека ги работиме расказите во кои понекогаш се зборува за мајките птици или други животни, секогаш правиме споредување и истакнување дека сите особини на една вистинска мајка ги имаат и животните, иако тие не знаат да зборуваат, но тие го покажуваат тоа со своето однесување. Секогаш на крајот заклучуваме дека мајчината љубов е бесконечна, нејзината грижа и храброст ја прават најсилната жена на светот – вели наставничката Јадранка Клисарова.
Со посебна возбуда учениците ги подготвуваа цветовите за својата мајка, обоени со боите што ги сакаат нивните мајките или самите тие. Во деновите пред големиот празник се подготвуваа и честитки за своите мајки, баби, стрини, тетки. Секоја честитка беше исполнета со прекрасни реченици, пренесуваме еден дел од нивните искази:
• Мајките се најхрабрите суштества што постојат – рече Вука Каранфиловиќ.
• Мајка ми ми подари живот, таа е семе на мојот цвет – рече Аника Миновска.
• Мајките се најсјајните ѕвезди на небото – рече Никола Белчев.
• Мајките се волшебни самовили, можат и најголемите грижи да ни ги отстранат – рече Леона Станикевска.
• Мајките се тие што ни даваат поддршка кога ни е најтешко – рече Теодор Димковски.
• Кога сме болни, нашите мајки бдеат над нас со денови – рече Лина Аспарухова Стојанова.
• Мојата мајка е најхрабрата мајка, нејзиното срце чука за своите деца – рече Дамјан Јосифовски.
• Кога сум тажна, мама ја брише секоја солза од моето лице – рече Ана Којова.
– Денес, жената е ставена пред голема општествена одговорност, таа мора да биде мајка како што очекуваат нејзините деца. Но таа денес не е само мајка, таа е наставничка, лекарка, адвокатка, пилот на авион или возач на градски автобус. Секоја жена заслужува да биде среќна и исполнета на своето работно место и во својот дом – велат четвртоодделенците од скопското ООУ „Блаже Конески“.