Дебатното кино „Контракадар“ од Битола во периодот што следува ќе прослави два јубилеја – 10 години постоење и 200 проекции. Станува збор за независна културна иницијатива што организира општествено ангажирани настани, со филмски проекции проследени со дискусии. Целта на дебатното кино е поголема вклученост на граѓаните во општествените процеси преку креирање јавен дебатен простор, децентрализација на културата, организирање на граѓаните преку заедничка дискусија и соработка за влијание во носењето на одлуките што нè засегаат сите, враќање на навиките за користење јавни институции, промовирање критички ангажирана култура и создавање солидарност помеѓу групите и идна поддршка на иницијативи.
Група ентузијаст(к)и од Битола на кои им недостигаше простор за дејствување во градот решаваат да преземат нешто во врска со тоа. Идејата и желбата стануваат реалност во 2013 година, со првата проекција во МКЦ-Битола, а потоа главно продолжуваат во Центарот за култура-Битола. Низ годините, „Контракадар“ гостувал во други градови, како Демир Хисар и Прилеп, и на фестивали како 2Д-фестивал“ во Дојран, „Слободна зона“ во Виница, на Филозофскиот филмски фестивал, „Акто“ во Битола, „Слоуфуд Македонија“ и др. Иницијативата што започна од Битола беше инспирација и за млади луѓе од Куманово и Скопје, кои ја проширија истата идеја и во своите градови.
– Едни од главните амблеми на „Контракадар“ се тоа што во најголем дел од постоењето, програмата и преведувањето на филмовите се прават волонтерски, бесплатно се користат јавните простори каде што се одржуваат проекциите и се нуди бесплатен влез за сите посетители. Во рамките на иницијативата постои и библиотека, која започнува во 2017 година и работи на принципот остави-земи – велат од „Контракадар“.
Програмата на јубилејот почнува денеска, во Центарот за култура во Битола, со првата проекција на тема вештачка интелигенција, а продолжува на 24 март, со проекција на тема ретки болести; на 1 април следува тема психотерапија, на 6 април ќе се зборува за предизвиците на феминизмот денес, додека последната проекција од овој роденденски циклус им е посветена на кратките анимирани филмови на Дарко Марковиќ (Дар-Мар), на 7 април, по која ќе има и роденденска забава.