Во Мексико деновиве излезе од печат книгата „Живо месо“ – избор поезија од пет поетски книги на македонската поетеса, писателка и антрополог Наташа Сарџоска. Поетскиот избор е издание на мексиканскиот издавач „Охеда“ специјализиран за поезија, а уредник е Антонио Охеда. Преводот на песните на шпански јазик е на самата авторка, а јазичната редакција е на Елза Бареда Руиз. Ова е прво поетско дело на македонски автор објавено во Мексико.
За авторката, која иако има објавено песни во разни книжевни ревии во Латинска Америка, оваа прва објава на книга во Мексико и на шпански јазик значи многу, пред сѐ зашто Мексико е земја со раскошна и моќна поетска традиција, земја на големи поетски имиња клучни за историјата на поезијата, како што се Октавио Паз, Хозе Емилио Пачеко, Хаиме Сабинес, а потоа и затоа што шпанскиот јазик е вториот светски јазик според бројот на жители на кои им е мајчин јазик, четвртиот најговорен јазик во светот и првиот најговорен латински јазик. Да се биде преведен и објавен на овој јазик, во земја каде што живеат најголем број говорители на шпански јазик, создава бесценето чувство на чест и среќа, затоа што не се само желбата и сонот, туку пред сѐ потребата на еден поет е да биде читан. Оттаму, преводот на поетско дело напишано на мал јазик, како македонскиот, на еден глобален и величествен јазик, како шпанскиот, е врвно достигнување на секој поет што доаѓа од мала земја и кој твори на мал јазик.
Освен тоа, секоја поетска објава во време на дигиталната комуникација и хиперконсумација на медиуми, како и во време кога вештачката интелигенција зазема сѐ поголема превласт над човештвото, носи посебна радост и правда.
Книгата е достапна за продажба и дистрибуција во сите земји низ светот каде што се говори шпанскиот јазик.