Чествување 100 години од раѓањето на Ацо Шопов

Општина Центар-Скопје и Францускиот институт во Скопје организираат одбележување на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, во Музејот на македонската борба за независност. Манифестацијата започна вчера, со обраќања и излагања за одбележување на значајниот јубилеј, а излагањата беа во насока на чествување на животот, творештвото и преведувачката дејност на Ацо Шопов. Модераторка беше Лидија Неделковска, раководителка на одделението за култура на Општина Центар, а се обратија Горан Герасимовски, градоначалник на Центар, Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во
Македонија, и Веле Смилевски, писател. Ученици од ООУ „Димитар Миладинов“ имаа поетско рецитирање на поема од Ацо Шопов, на македонски јазик и на француски јазик
На настанот зборуваа и Соња Стојменска-Елзесер од Институтот за македонска литература и Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а студенти од Филолошкиот факултет рецитираа поема од Ацо Шопов, на македонски јазик и на француски јазик. Се обратија и Ирина Бабамова од Филолошкиот факултет и Светлана Шопова, сопругата на Ацо Шопов. Настанот се затвори со настап на пијано на 12-годишната Петра Митровиќ, стипендистка на Општина Центар од областа на културата, која има освоено единаесет први места на светски натпревари и одржано солистички концерти во катедралата „Нотр дам“ во Париз и „Карнеги хол“ во Њујорк.