Светска кинодистрибуција на „Најсреќниот човек на светот“

Филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска продолжува да го освојува светот, по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и Торонто минатата есен, одличниот прием од страна на светската критика и големиот интерес за интернационална кинодистрибуција, која започнува годинава. Во текот на февруари и март почнува редовна кинодистрибуција дури во шест европски земји. Светската дистрибуција ја започнува во Франција, каде што филмот ќе се прикажува во 37 киносали низ цела Франција. Киноприкажувањето на филмот во Франција е водено од „Пирамид“, една од најпрестижните и најдобри дистрибутерски куќи во Франција и Европа, која го дистрибуира и претходниот филм на Теона, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

– Како и во Франција, позитивните критики не стивнуваат и во Шведска, каде што филмот се пушти во киносалите на 31 март. Емотивната премиера во Босна беше проследена со долги аплаузи и овации и филмот ќе се прикажува низ кината во оваа земја во наредниов период. По Босна и Херцеговина, следува дистрибуцијата на филмот во Данска, Италија и Швајцарија. Во Италија, дистрибутерската куќа „Теодора“, охрабрена од успехот на „Петрунија…“ и големиот медиумски интерес по Венеција, подготвува најширока кинодистрибуција на „Најсреќниот човек на светот“ низ цела Италија, која започнува во април – велат од продукцијата.
Промоцијата на филмот низ светот продолжува и со настапи на голем број престижни фестивали. Во март и април филмот патува на 12 фестивали нив целиот свет. Започнува со филмскиот фестивал во Мајами, од каде што продолжува на Софискиот филмски фестивал, па на филмскиот фестивал „Картагена“ во Колумбија. Потоа оди во Шпанија, на фестивалот во Барселона, па филмскиот фестивал „Кливленд“ во САД, па повторно во Франција, каде што веќе освои неколку награди, овој пат во Лунел, па во Полска на филмскиот фестивал „Евроазија“, како и во Краков на филмскиот фестивал „Оф камера“, потоа на филмскиот фестивал во Висконсин во САД, па во Њујорк и Милвоки. Априлската тура на овој филм завршува со прикажување на два фестивала, каде што Теона е член на жиријата, прво во Истанбул, а потоа и во Линц, Австрија, на „Кросинг Европа фестивал“, каде што Теона ја освои првата награда со своето првенче „Како убив светец“. Пролетва филмот ќе биде на репертоарот низ кината во Латинска Америка и Азија, како и во други земји низ Европа.