„Колибри“ на театарскиот фестивал „Силјан Штркот“ во Прилеп
Сигурно сте слушнале за Силјан Штркот, а некои од вас можеби веќе и ја прочитале книгата „Силјан Штркот“ на Марко Цепенков. Но и тие што слушнале и тие што не слушнале, и тие што прочитале и тие што не прочитале, сигурен сум дека еднакво уживаа на интегрираниот час што ги обедини предметите Македонски јазик, Математика и Информатика, во рамките на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, кој деновиве по седми пат се одржа во Прилеп.
Значи, покрај театарските претстави, работилниците и промоциите на книги, „Колибри“ присуствуваше на необичниот час воден од наставничката по македонски јазик Јулијана Талеска и наставничката по математика Лидија Иваноска.
На многубројните деца во публиката, која ја исполни киносалата „Мис Стон“, им се виде многу интересно да имаат час, а да не се во училница, да учат, а да не биде здодевно, да се забавуваат, а сепак да биде корисно, интересно и возбудливо, но и наставничките ем им предаваат ем ги забавуваат. Ние добивме впечаток дека и наставничките бескрајно уживаа во своите улоги.

На почетокот низ презентација помогната од ВИ, наставничката Јулијана на интерактивен начин им ги доближи ликовите од книгата, поврзаните настани, ги наведе на размислувања, се потсетија на архаичните зборови. Се потсетија и ги научија зборовите абер, аљаз и аџамија, но размислија дека можеби Силјан почувствувал и копнеж по својот дом додека летал надалеку, па тоа чувство го опишаа со новонастанатиот збор „домнеж“, кој сега ќе биде дел и од нивниот вокабулар. Научија и за разликите меѓу пословица и поговорка, се потсетија на клетвите и благословите, кои исто така се дел од нашето нематеријално културно наследство.
И во мигот кога сите се запрашаа што би правела наставничката по математика Лидија на час по лектира, сите се изненадија како таа на вешт начин ги поврза книгите и бројките. Па така, учеа за множество, унија и пресек, потоа собираа, одземаа и додаваа за да научат дека Силјан не би издржал во своето родно Мало Коњари на температура од минус шест Целзиусови степени, па така, сигурно како и сите штркови, летнал на 9 август, на празникот Св. Пантелејмон и сега веќе стигнал на југ.
Но повторно изненадување! Штркот Силјан беше тука, меѓу децата во публиката. Како што летал се удрил, ја повредил главата, па така, замотан со завој, не можеше да се сети кој е, што бара тука и што му се случувало во минатото. Добрите деца му помогнаа, го потсетија и на тој начин ја прераскажаа целата содржина на книгата што ќе им остане во трајно знаење. Зад прекрасната маска на Силјан Штркот беше актерот Михајло Миленкоски, кој на срдечен и топол начин комуницираше со децата.
Учениците исто така ја проследија и презентацијата на видеоигра инспирирана од книгата, а направена од нивниот соученик Горјан Талески, под менторство на наставничката Гордана Јованоска. Истата таа им послужи како пример на учениците и тие самостојно да создадат видеоигри.
Сѐ на сѐ, тоа беше едно убаво и возбудливо доживување со многу ведрина, насмевки низ интегриран пристап што внесува свежина во процесот на наставата. Драги наши читатели, ова нека биде поттик за вас и вие на ваков начин да ја обработите лектирата „Силјан Штркот“ или некоја друга книга или да смислите нешто уште покреативно и поинтересно. Пренесувањето и усвојувањето на знаењето може да бидат вистинско уживање, а настанот на кој присуствуваме е доказ за тоа.
Фестивалската завеса се спушти на 24 септември со претставата „Љубопитната принцеза“ на театарот „Колозов“ од Скопје, а нам ни преостанува со нетрпение да го чекаме следното издание.

































