ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ЈУЛИ

На македонските листи и за јули водечки се Георгиев и Секуловска

Поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен иако загуби 18 рејтинг-поени (2.835) во машка и Јифан Хоу (2.628) од Кина во женска конкуренција се на врвот и на најновата јулска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ)

Новиот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.780, плус еден поен), напредуваше за едно место и сега е четврти, а поразениот во мечот за светската титула, Русинот Јан Непомнијашчи (2.779), падна за едно место и сега е петти во однос на јуни. Пад од втората на шестата позиција забележа Французинот Алиреза Фирузја (2.777, минус седум поени), а од петтото на второто место скокна Американецот Хикару Накамура (2.787, плус 12 поени). Напредуваше и Американецот Фабијано Каруана (2.782, плус девет поени), кој од шестото се искачи на третото место.

Јифан Хоу, со истиот рејтинг од јуни, остана на врвот, втора е нејзината сонародничка Венјун Ју (рејтинг 2.564), која изгуби два поена, но се искачи едно место погоре. Трета е Русинката Александра Горјачиина (2.557), а беше четврта, додека Индијката Химпи Конеру (2.553) од второто падна на петтото место загубувајќи 14 поени.
Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.542 поени) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ. Втор е ВМ Трајко Недев (2.465), трет е ИМ Филип Панчевски (2.452), кој го помина ВМ Никола Митков (2.447), кој загуби 12 поени, а петти остана ВМ Александар Чоловиќ (2.441) итн. Листата од 10 шахисти за јули ја заокружува ИМ Никола Николовски (2.356), кој со два нови поена напредуваше за две места.

Кај Македонките нема промени на врвот, води ЖФМ Весна Секуловска (рејтинг 2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042) и Бојана Бејатовиќ (2.000), сите три се со непроменет рејтинг како и минатиот месец.

Македонија мажи остана на 57-то место, но со два поена повеќе (просечниот рејтинг на првите 10 играчи е 2.429 поени), а Македонија жени напредуваше едно место и сега е 56-та (но со ист рејтинг 1.928), меѓу 200 држави.

Во светот, кај мажите први се САД (2.729, плус два поена), пред Русија (2.699, плус еден поен) и Индија (2.694, плус пет поени), а кај жените води Кина (2.483, плус три поени), пред Индија (2.414, минус пет поени) и Русија (2.410, плус два поена)… Г.И.