Фаустино Оро, Меси во шахот, стана најмладиот со рејтинг од 2.300 поени

Тој е производ на неверојатниот шаховски развој за време на пандемијата на ковид-19. Неговиот татко Алехандро вели дека иако неговиот син првично не бил многу заинтересиран за шах, тој одлучил да го приклучи на сајтот на „Чес“ во мај 2020 година за да го спречи Фаустино да го шутира фудбалот во нивната куќа. Оттогаш напредокот на деветгодишниот Оро е извонреден

Деветгодишниот аргентински ФИДЕ-мајстор (ФМ) Фаустино Оро, кого аргентинските медиуми го нарекоа Меси во шахот, влезе во историјата како најмлад шахист што некогаш ја надминал бариерата од 2.300 рејтинг-поени. Во март, Аргентинецот роден во 2013 година стана најмладиот шахист во светот што некогаш ја надминал границата од 2.200 поени, со девет години и три месеци. Три месеци подоцна, тој има повеќе од 2.300 поени, соборувајќи го поранешниот рекорд, кој го држеше узбекистанскиот велемајстор (ВМ) Јавохир Синдаров, за повеќе од седум месеци, според шаховскиот статистичар Тал Прус-Зимерман, кој со години ги следи шаховските чуда, пишува познатиот шаховски сајт „Чес“.

Така, на најновата рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за јули, Оро има 2.316 рејтинг-поени, со што ја заслужи титулата ФМ како најмлад во светот. Тој е моментно на 53-то место на аргентинската рејтинг-листа за јули.
– Фактот дека тој постигна 2.300 поени на возраст на која само четворица играчи некогаш постигнале 2.200 е неверојатен – вели Прус-Зимерман.

Оро е познат во шаховската заедница откако стана аргентински шампион до осум години, а потоа го освои и Панамериканскиот шампионат до 10 години. Тој е производ на неверојатниот шаховски развој за време на пандемијата на ковид-19. Неговиот татко Алехандро вели дека иако неговиот син првично не бил многу заинтересиран за шах, тој одлучил да го приклучи на сајтот на „Чес“ во мај 2020 година за да го спречи Фаустино да го шутира фудбалот во нивната куќа.
– Тој е целосно самоук, гледајќи видеа на Јутјуб, оти немаше прочитано шаховска книга – рече неговиот татко во интервју за „Ел мундо“.

На Фаустино му беше ветена награда од неговиот татко за секои 100 поени што ќе ги добие на играњето преку интернет.
– Помина една недела и тој ми затропа на врата. „Тато, ја добив наградата“. Два дена подоцна, ги освои следните поени. Третиот ден кога дојде во истата недела, мислев дека на сите ќе им даде мат. На мое изненадување, дознав дека пресметувал комбинации од неколку потези однапред – изјави татко му за весникот „Ел мундо“.

По сѐ, локалниот шаховски клуб одлучил да му држи лекции преку интернет. Оттогаш неговиот напредок е извонреден, а неговиот татко е најзаслужен за интензивното играње на „Чес“. Највисокиот рејтинг во брз шах на интернет му е 2.800 поени.
– Фаустино го разбира шахот на поинаков начин и многу добро пресметува. Еден од неговите учители рече дека интуитивно знае каде одат фигурите. Тој исто така со неверојатна леснотија наоѓа ретки невозможни потези – вели татко му.

Фаустино го привлече вниманието и на најголемиот светски шаховски јутјубер, интернационалниот мајстор Леви Розман, кој анализираше некои од неговите игри.
– Она што го забележав за Фаустино е дека неговиот репертоар е многу добар и со бели и со црни фигури, со многу софистициран стил на игра. Ако играте неодговорно против него, тој ќе ве казни. Ако играте добри потези, нема да се збуни. Тој е многу добар напаѓач и дефанзивец. Знае кога да тактизира, кога да биде позициониран. Тој е буквално совршен прототип на шахист – вели Розман.
Шпанскиот велемајстор Хозе Пепе Хименез, пак, за Оро се огласи на Твитер.
– Играв две партии со брзо темпо против него пред неколку месеци во Буенос Аирес. Во една од нив тој целосно ме надигра позициски во средишницата. Тој е веќе права шаховска „ѕверка“ – вели Хименез.

Неговиот татко вели дека Фаустино оди на училиште наутро, а потоа тренира шах по три-четири часа дневно.
– Секое достигнување ме прави среќен. Една од моите цели беше да станам ФМ и го постигнав тоа. Сега сакам да продолжам уште повеќе, да станам меѓународен мајстор и да играм на Светското првенство – изјави Фаустино за „Оле спортс“.
Младиот шаховски вундеркинд од Аргентина сега може да се стреми кон надминување на 2.400 рејтинг-поени, а тој рекорд е во сопственост на младиот велемајстор Нодирбек Абдусаторов од Узбекистан, кој го постави кога имаше 10,5 години. Г.И.