Фото: Пиксабеј

Загадувањето на воздухот претставува концентрација на штетни материи надвор од границата на толеранција, што директно го оштетува и го влошува здравјето на луѓето, додека неговото индиректно дејство се манифестира преку штетно влијание врз домашните животни и вегетацијата. За време на епизоди на зголемено загадување на воздухот, неопходно е да се ограничи движењето на децата, хронично болните, па дури и на здравите луѓе на отворени простори.
Препораките за населението се максимално да се намалат движењето и изложеноста во најмала можна мера за овој период на покачени концентрации во текот на денот. Изложеноста на екстремно високи концентрации може да има сериозни негативни здравствени последици, не само за ранливите популации,туку и за здравата популација.

Доколку сепак треба да излезете надвор, мора да носите респираторни маски со соодветни филтри, кои не дозволуваат честички помали од 10 микрони. Хируршките маски, како и шаловите и марамите не даваат никаква заштита. Затоа, граѓаните треба да користат маски што имаат европски стандард ФФП-филтер 2 или 3 и американски стандард Н95 или Н99.

Исто така, правилната исхрана е многу важна. Урамнотежената исхрана богата со овошје, зеленчук, јаткасти плодови, мешунки и здрави масти може да обезбеди заштита од некои од негативните ефекти на загадениот воздух. Погрижете се да ги консумирате препорачаните количества витамини за да го зајакнете вашиот имунитет. Зелениот чај со билки може да помогне во борбата против некои од негативните ефекти.

Зголеменото внесување загадени честички во организмот може да има негативни последици по здравјето на луѓето, а постојаната изложеност на ова влијание носи голем број здравствени проблеми. Истражувањата покажаа дека во урбаните средини каде што граѓаните вдишуваат поголеми количества штетни гасови и честички, почесто заболуваат од хронични болести како бронхитис, астма, емфизем.
Особено се препорачува да се оди на планина за време на епизоди на зголемено загадување на воздухот поради надморската височина и чистиот воздух, кој го намалува влијанието на негативните честички.