Промовиран романот „Ронлива“ од Милена Сиљаноска

Издавачкиот центар ТРИ го промовираше дебитантскиот роман „Ронлива“ од Милена Сиљаноска.
„Ронлива“ е поетски роман, кој протекува преку внатрешниот шепот на главниот лик. Еден громогласно тивок глас се шири како ехо низ страниците. Текстурата на оваа книга е нежна, но изгравирана со длабоки гребнатини од остар предмет, по тело што длабоко чувствува, кожа со засеци наполнети со густ и монохромен колорит.
Милена Сиљаноска оваа година со поетскиот ракопис „Болопадание“ ја освои наградата „Антев златник“ на меѓународната поетско-културна манифестација „Антево перо“. Досега повеќепати има објавувано поезија во студентскиот весник „In medias res“, во списанијата „Современост“, „Зенит“, „Литературни искри“, „Елементи“, „Е-лит“. Работи како уредничка во издавачкиот центар ТРИ.
Во своите ракописи опфаќа најразлични теми што зачнуваат егзистенцијални и клучни прашања за времето, судбината, животот и самата смисла на постоењето.