Фото: Пиксабеј

Врската помеѓу далечниот предок и денешниот човек ја потврдија американските научници, нагласувајќи ја важноста на генетското наследство.
Според американските научници, гените на нашиот далечен неандерталски предок може да укажат зошто некои луѓе сакаат да стануваат рано, додека други ја немаат оваа особина.
– Благодарение на анализата на неандерталската ДНК, која е зачувана во фрагменти во современите човечки геноми, откривме врска помеѓу гените на нашиот далечен роднина и современите луѓе – објаснува епидемиологот Џон Капра од Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско.

Научниците тврдат дека повеќето од гените што модерните луѓе ги стекнале од своите предци од далечното минато се намалувале со генерациите, но тие и денес постојат во траги. Истражувањето спроведено на споменатиот универзитет укажува дека овие неандерталски гени им „помагаат“ на одредени луѓе полесно да се приспособат на временските разлики, но и многу лесно да се разбудат рано наутро.
Со анализа на ДНК на современите луѓе и неандерталците и нивно споредување, Капра и неговите колеги утврдиле различни генетски варијанти вклучени во телесните часовници, пишува британски „Гардијан“.

Научниците, сакајќи да ја докажат својата теорија, побарале помош од британската „Биобанк“, која содржи генетски, здравствени и животни информации за половина милион жители на Велика Британија. Испитувањето на овие податоци покажа дека не само што многу луѓе ја носат гореспоменатата генска варијанта туку и дека гените се поврзани со рано будење.
– Не мислиме дека раното будењето им помогнало на нашите древни предци, туку дека овие гени им овозможиле подобро и полесно да се приспособат на сезонските промени и варијации во нивото на светлина. На повисоки географски широчини, покорисно е да се стане порано – објасни Капра.

Професорот Марк Мазлин од Универзитетскиот колеџ во Лондон објасни дека сега има генетски докази дека некои од нас навистина се ранобудници.
– Во тропска Африка, просечната дневна должина беше 12 часа. Но како што одите на север, деновите стануваат пократки, особено во зима. Поради недостигот од храна, неандерталците се движеле порано и порано во потрага по плен, па морале рано да стануваат – објасни Мазлин.
Најновото истражување на калифорниските експерти е само уште едно во низата ДНК-тестови на неандерталците. Пред неколку години, Џон Капра и неговиот тим ја проучувале врската помеѓу современиот човек и далечниот предок во врска со наследувањето на „врската“ за многу болести, особено депресија, алергии и метаболички нарушувања. Иако неандерталците изумреле пред повеќе од 30.000 години, научниците докажале дека оваа врска постои и дека генетското наследство влијае на биологијата на современите луѓе.