Министерството за финансии денеска исплати 2.028.714.243 денари субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2025 година. Средствата се наменети за 15.144 тутунопроизводители ширум државата.
Од Министерството соопштија дека со оваа исплата се потврдува определбата на Владата за континуирана и навремена поддршка на земјоделството како една од клучните стопански гранки, со посебен акцент на тутунарството како традиционално значајна земјоделска дејност.
Според Министерството за финансии, редовната исплата на субвенциите придонесува за поголема финансиска стабилност на земјоделците, обезбедува одржување на производството и создава услови за понатамошен развој на руралните средини.
– Владата и Министерството за финансии остануваат посветени на политики што ќе ја зголемат конкурентноста на домашното земјоделство, ќе овозможат повисоки приходи за земјоделците и ќе придонесат за одржлив развој на аграрниот сектор – се наведува во соопштението.
Исплатата е дел од мерките за поддршка на земјоделското производство и обезбедување сигурност за производителите во еден од најзначајните извозни земјоделски сектори во државата.


































