Фото: „Нова Македонија“

Грчките власти преземаат дополнителни мерки за намалување на метежот на граничниот премин Евзони, еден од најфреквентните премини меѓу Македонија и Грција, особено во пресрет на летната туристичка сезона.

Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гиулекас, изјави дека на Евзони ќе бидат поставени модуларни контролни пунктови, со што една сообраќајна лента ќе се претвори во две, со цел да се забрза контролата и да се намали времето на чекање за патниците.

Говорејќи на конференција за туризмот организирана од грчкиот портал „Ворија“, Гиулекас посочи дека додека не заврши целосната модернизација на граничниот премин, можностите за дополнително проширување се ограничени.

 – Поставуваме дополнителни контролни точки и ја прошируваме една сообраќајна лента во две. Сето тоа е на границата на постојните можности, бидејќи немаме поголема флексибилност додека не заврши модернизацијата на Евзони – рече Гиулекас.

Тој се осврна и на имплементацијата на системот ЕЕС (Entry/Exit System), кој предвидува регистрација на биометриски податоци на државјаните од земји кои не се членки на Европската Унија при влез во Шенген-зоната.

Според него, новите процедури неизбежно го продолжуваат времето потребно за гранична контрола, но европската регулатива дозволува привремено и делумно суспендирање на биометриската регистрација во периоди на зголемен сообраќај.

 – Во часови со голем интензитет на сообраќај имаме можност привремено да ја ублажиме примената на мерката и тоа често го користиме – истакна Гиулекас.

Според претходните информации од грчките власти, оваа можност важи до 8 јули годинава, а по потреба може да биде продолжена до 6 септември. Во такви случаи регистрацијата на патниците се врши без земање биометриски податоци, со цел да се обезбеди побрз проток на возила и патници на граничните премини.

Паралелно, во тек е модернизацијата на граничниот премин Кипи на границата со Турција, додека во план е и реконструкција на Евзони, кој секоја година бележи голем број патници од Балканот кон грчките туристички дестинации.