Нова странска инвестиција вредна околу 20 милиони евра ќе биде реализирана во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, а се очекува да бидат отворени речиси 500 нови работни места, соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Станува збор за инвестиција на турската компанија „Џаво отомотив“ која работи во автомобилската индустрија и произведува безбедносни системи, механизми и контролни кабли за водечки светски производители на автомобили.
Според Мицкоски, проектот ќе започне како браунфилд-инвестиција со закуп на постоен објект од 8.000 квадратни метри, а до 2028 година производствените капацитети ќе бидат проширени на 21.000 квадратни метри.
– До 2030 година компанијата планира да инвестира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, работната сила и деловната клима – истакна премиерот.
Компанијата планира годишен извоз од околу 45 милиони евра, што дополнително ќе придонесе за раст на индустриското производство и извозните перформанси на државата.
Министерот Дурмиши оцени дека инвестицијата е уште една потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании кои носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетни работни места.
– Покрај отворањето нови работни места, проектот ќе овозможи трансфер на технологии, зголемен извоз и дополнителна додадена вредност за македонската економија. По повеќе од една година преговори, денес испраќаме јасна порака дека Македонија останува атрактивна дестинација за странските инвеститори – рече Дурмиши.
„Џаво отомотив“ е мултинационална компанија со операции во Tурција, Канада, Германија и Словачка, а со новата инвестиција во Тетово го проширува своето производствено присуство во регионот.

































